Скопје се задушува во ПМ 10-честички, во Карпош нивото беше 24 пати над дозволеното

Сподели

 

Загаденоста на воздухот во Скопје утринава е од четири до седум пати поголема од максимално дозволената граница пропишана во Европската Унија, која 50мг/м3. Утринава во девет часот, според податоците на мерните станици нивото на ПМ 10 честичките во скопските општини изнесувал: Ректорат 379.41 мг/м3, Центар 323.27 мг/м3, Карпош 305.86 мг/м3, Гази Баба 285.72 мг/м3 и Лисиче 209.39 мг/м3.

Синоќа во скопската општина Карпош е регистрирано рекордно загадување, кое е 24 пати поголемо од дозволеното, односно нивото на ПМ 10-честичките изнесувал 1218.63 мг/м3. Канцерогените честички во воздухот со големина помала од 2.5 микрометри (ПМ 2,5) пак изнесувале 206 мг/м3, што е над 10 пати од пропишаната граница. Ситуацијата со загаденоста беше лоша и во другите општини, па така во Центар нивото на ПМ 10 честичките изнесувал 421 мг/м3, а ПМ 2,5 се 356 мг/м3. Честички во воздухот со големина помала од 10 микрометри во Лисиче се 667 мг/м3, а во Гази Баба 618 мг/м3.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Башким Амети на 25 јануари до владата предложил мерки за намалување на загадувањето на воздухот, но засега нема одговор на предлогот.

Според мерките од Министерството за животна средина и просторно планирање се предвидува воведување на сообраќаен режим пар-непар, сите државни и јавни институции за 50 отсто да го намалат користењето на службените возила.
Поради зголемената загаденост на граѓаните им се препорачува да не излегуваат надвор без посебна причина.

meta.mk