„Болката е вистина; сето друго е подложно на сомневање!“
Џон Максвел Куци
Болката боли!
Тоа е факт што не мора да се докажува!
Секогаш, во целиот свој животот, човекот има некава повремена или долготрајна, физичка или психичка, послаба или појака болка. Болката е посебен, самостоен вид на чувство. За регистрирање на чувството на болка во организмот постојат соодветни „рецептори“ кои, всушност, се нервни завршетоци сместени во кожата или внатрешноста на телото. Кога нформациите за болката ќе стигнат до мозочната кора, тука болката добива не само осетна, туку и чувствителна димензија, односно добива и форма на душевно страдање. Таа душевна, психичка реакција на болката е својствена само за човекот како живо суштество. Бидејќи секој човек сите осети и чувства ги доживува на свој индивидуален начин, на таков начин ја чувствува и доживува и болката.
Но, да биде јасна една работа во врска со физичката болка. За секој нормален човек, болката е првенствено непријатно доживување. Меѓутоа, болката понекогаш може да биде и е – позитивно доживување. Имено, постојат многу ситуации во кои болката предупредува на опасностите кои се закануваат за човечкиот организам и секогаш е присутна кога е оштетено човечкото ткиво. Многу луѓе останале живи само затоа што болката ги предупредила дека нивниот организам е болен и побарале стручна помош за да ја отстранат болеста која ја имаат. Всушност, во нашиот јазик зборот „болест“ произлегува од зборот „болка“.
Болката претставува и еден од клучните термини во етиката на Аристип и Епикур, кои како цел на животот го поставиле „чистото уживање“, односно блаженството, и тоа сфатено како „отсуство на болка“ (aponia) и како „душевен мир“ (ataraхia). Но, скоро во сите филозофски етички правци болката и нејзиното отсуство се основните елементи за одредување на несреќата и среќата. Најкратко, со зборовите на Барух Спиноза: „Среќата е отсутност на болка“. Постојат и такви кои се обиделе на некој начин да ја релативизираат и оправдаат болката. Претставниците на стоицизмот сметале дека болката треба да се игнорира, а пак христијанското учење сметало дека болката на овој свет е само „подготовка за достигнување на блаженство на оној свет“. Шопенхауер, врз основа на христијанското учење во делото „Светот како волја и претстава“, застанал на ставот дека „секоја голема болка, било да е телесна или духовна, ни го кажува она што го заслужуваме: оти, таа не би можела да ни се случи ако не ја заслуживме.“ Од своја страна, Фридрих Ниче, веројатно со големо право, укажувал дека болката е „најмоќното средство на мнемониката“ (од грчкиот збор mnemoneutos – вештина на помнењето) и дека „само она што не престанува да предизвикува болка останува во паметењето!“
Во секој случај, целата човекова историја е преполна со болка. Песимистички погледнато, се чини дека ништо во општествената и политичка историја на човештвото не се случило без болка, крв и смрт. Сузана Тамаро не случајно во својата книга „Анима мунди“ („Душата на светот“) запишала: „Светот е само болка, ништо друго“, а пак, Виктор Иго, за жал, со право укажал: „Сѐ е скапо, само страдањето на светот е евтино; страдањето во светот е бесплатно.“ Каменување, набивање на кол, черечење, дерење на кожата, сечење на телото и екстремитетите, корнење на нокти, мачење со електрична струја…, во еден ваков текст не можат ни да се набројат начините што човечките изроди ги измислиле за нанесување на болка. Жално е, но мора да се нагласи дека и во време на најголеми суровости некои луѓе докажуваат дека се полоши од другите. Нив суровоста им бие во срцата и им тече низ вените, ги враќа во живот и ги буди нивните сетила. Одушевувањето, кои тие го чувствуваат кога ги мачат другите, е исто како она што го чувствуваат мнозинството луѓе кога водат љубов. Всушност, добро е да се сетиме дека целата таканаречена „цивилизација“ е конституирана врз болката и страдањето на безбројни луѓе. Имено, ниедно монументално дело не е направено без физичка или интелектуална експлоатација и болка на илјадници луѓе. Земете ги, на пример, египетските пирамиди. Во нивните камени блокови вградена е потта и болката на милоини анонимни луѓе. Затоа, секогаш кога ќе застанете пред некоја голема градба, имајте на ум – таа, пред сѐ, е дело на трудот, потта и болката на илјадници обични луѓе.
Затоа, да привршам, во едно „болно општество“, сосема природно е да постои страдање на човек од човека и да се зголемува човечката болка. Но, воопшто не е природно луѓето на тоа да не му се спротиставуваат и да не се борат да се промени таквата ситуација.
„Антологија на болката“ или за душевната болка на Рацин!
„Ме боли душата“ е често употребувана фраза во секојдневниот говор. Душевната болка – тоа е долготрајна, пригушена, тапа и безгласна болка. Резултатот од неа секогаш е – болна душа! Болна душа во која живее „измачено срце“, преполно со безумен страв. Болна душа во која се раѓаат прикриена и неизбришлива тага, депресија, несоница, тромост, исцрпеност и омалаксаност. Со еден збор – нервна растроеност!
Големата, вистинската, искрената, совршената љубов не му е наменета и не му прилега на овој лажен, неискрен, несовршен, со еден збор – нељубовен свет! Веројатно затоа, сите безмерно искрени љубови завршувале со огромна болка и често – со смрт, како ослободување од таквата болка. Кој не слушнал за големите љубовни трагедии на Ромео и Јулија, на Петар Абелар и Елуиза, на Сергеј Есенин и Исидора Данкан… Во сите нив болката и смртта се неразделиво вткаени.
Оттаму, болката и нејзините манифестации се омилени поетски и писателски теми. Така, Маргарет Дирас напишала роман со едноставен наслов „Болката“, Гордана Бошнаковска–Михаилова напишала „Песни за болката“, а Габриела Костадинова направила „Записи на болката“. Поконкретизирано, поетесата Дарина Герова пишувала за „Болка на жената“, а Мирна Бојаџиев за „Болката на осаманета жена“. Од своја страна, Васил Тоциновски има своја „Балада за болката“, Ефтим Клетников „Елегија за болката и спомените“, Џон Ф. Дин „Тестамент на болката“, Светлана Христова Јоциќ „Читање на болката“, Ката Мисиркова Руменова „Виор на болката“, Славко Јаневски свој „И бол и бес“, Франц Кафка ја има својата „Прва болка“. Големиот познавач на болката, Шарл Бодлер напишал песна со наслов „Алхемија на болката“, Бранко Цветковски зборувал за „Болка на битието“, а Атанас Ќушкоски за „Архетипот на болката“. Дури словенечкиот писател Иван Минати пишувал за „Болка на недоживеаното“, што само навидум е апсурдно, а пак Дубравка Угрешиќ напишала роман со наслов „Министерство на болката“, што е премногу реалистично.
Во оваа пригода, без никакво потценување на споменатите, и уште на многу неспоменати, сакам да се осврнам на делото на основоположникот на современата македонска поезија, на нашиот ненадминлив и незаменлив Коста Апостолов Солев–Рацин. Имено, болката е цврсто вградена скоро во целото негово поетско творештво, а оваа година се навршуваат и сто години од неговото раѓање, па потребно е тоа да се забележи и одбележи.
Дека платонската љубов и безмерната болка од таквата нереализирана љубов на Рацин кон Рахилка (Раца) Фирфова била основа на дел од неговата поезија, не само што сведочи фактот дека поетскиот псевдоним „Рацин“ е конструиран токму од нејзиното име, не само што некои од поштенските картички до неа, поетот ги потпишувал со својата крв, туку сосема јасно во една од тие картички стои:
„Простете,
ако мојата љубов ви е непријатна како навреда.
Не ве сакам како што другите ве сакале,
и токму затоа,
знам дека мојата љубов е возвишена, но и болно невозможна…
Каква ли Болка, каква стравотија!…
Ако не ја сфатите оваа Болка, или ви е срцето од камен или место крв имате нешто како топла вода…“
Сосема е јасно дека болката, пред сѐ душевната болка, е дел од идентитетот на Рацин, па својата прва необјавена стихозбирка ја насловил како „Антологија на болката“, една од тамошните песни е насловена како „Болка“, а во сите нив, вкупно 24 песни, зборот „болка“ е употребен дури 27 пати.
За да се разбере Рацин и неговата „љубовна болка“, упатно е да се имаат предвид укажувањата на руската писателка Лидија Гинзбург во нејзините „Записи“. Таа, зборувајќи за „несреќната љубов“, објаснува дека и несреќната љубов, како и среќната – преминува во навика. Настанува блискост – еднострана, ама ништо помалку цврста, „оти, сеедно е дали илузијата“ за блискост ја доживува и живее еден или двајца луѓе. „На крајот на краиштата, мажот ја сака жената, која едвај го поднесува, со онаа замрзната љубов која повеќе не се чувствува, оти се претворила во основа, во дел од душевниот организам (како крвотокот)…“ Во таква ситуација, објаснува на крајот Гинзбург, „едниот сѐ уште очекува среќа, а другиот – тишина. Едниот сѐ уште чувствува болка и сака да ја нанесе, а другиот ништо повеќе не сака и, увредливо, е неранлив.“
Покрај тоа, сметам дека за да се разбере Рацин, мора да се има предвид неговото потекло од Македонија, каде, се чини, никогаш немало недостаток на болка и со право била нарекувана „Долина на солзите“. Оттаму, барем за мене, шестиот дел од песната на Рацин, насловена како „Елегии за тебе“ е најдобрата поетска и воопшто литературна манифестација на болката. Тој дел гласи:
„Исцедете, ограбете
пот и труд и меса голи,
уста пуста звтворете
да не каже оти боли.
Очи црни ископајте
да гледајат не давајте,
раце машки прекршете
срце лудо наранете.
Угаснете и светлини!
Мрак да биде – каракамен.
Има, има – в темнината
нешто живо пак да свети:
има болка на душата
има души наранети.
Болка боли – болка гори
болка пече, душа мори.
А болката кога свети –
тешко, тешко, тешко клети!“
Секако, за да се сфати и почувствува суштината, а не само да се прочитаат зборови, при читањето на оваа песна потребно е душевното страдање и душевната болка претходно да се имаат доживеано како лично искуство, да се имаат истрадано! Не случајно, Стендал вели: „Љубовта е еден вид на болест. Кој не ја боледувал – не знае што е!“ И, да не остане недокажано: оваа песна на Рацин, сосема очигледно, има социјална и длабока хуманистичка нишка и поента. Рацин сосема јасно во овие свои стихови, но и во многу други, непрестано укажува дека физичка и духовна болка се нанесува и преку суровото искористување на луѓето за создавање профит.
Но, што со Рацин денес? Што со Рацин, во едно бесчувствително време, во едно време на општа негација на Човекот? Во едно време, во кое многумина никогаш не виделе заљубен човек, а, пак, ако виделе: или не биле свесни за тоа, или не го разбрале, или му се потсмевале? Што со Рацин, во едно време, кога агресивноста и нанесувањето на болка се вообичаени? И, на крајот, што со големиот Македонец – Рацин, во време, на силни антимакедонски пориви и страсти? Па, токму во такви времиња Рацин ни е потребен повеќе од било што друго! Оти, Рацин е човек што го оправдува поимот Човек! Рацин е човек заради кој може да се задржи и одржи вербата во човештината! И, вербата во македонштината! Во овој контекст, спротиставувањето, пред скоро време, на поизразено меморирање на Рацин и неговото дело во Велес, недвојбено е чин кој негативно зборува за патриотските и хуманистички доблести на тие што се спротиставија на таквото одбележување.
( Текстот е објавен во книгата „За свеста и совеста“, Аз–Буки, Скопје, 2012.)