Мемети: Кај нас граѓаните не ги штити процедура и систем

Сподели

Општите препораки кои произлегуваат од состојбите за разните области остануваат во фиоките на Собранието, кое не сака или е доведено во ситуација да не може да врши контрола врз извршната власт, вели Народниот правобранител Иџет Мемети во неделното интервју за „Радио Слободна Европа“.

-Општите препораки кои произлегуваат од состојбите за разните области остануваат во фиоките на Собранието. Затоа што законодавната власт или не сака или е доведена во таква состојба да не може да врши контрола над извршната власт, а препораките на Омбудсманот се во таа насока, односно тие се алатка во рацете на законодавната власт да ја контролира извршната и да ги подобри состојбите, било во насока на носење на закони или во насока на спроведување на истите. За жал, моите препораки не се примаат, немаат разрешница, немаат ефект. Зборувам за општите препораки. Кај нас сè е исполитизирано. Кај нас граѓаните не ги штити процедура и систем. Може да ги штити само познавања, односно сè што е надвор од тоа што значи правила на однесување. Затоа посакувам што побрзо да заврши оваа состојба – вели Мемети.

 Мемети вели дека Народниот правобранител како институција многу малку може да направи ако нема политичка волја да се примаат неговите препораки. Тој додава дека во извештајот за 2016 во одредени сегменти, кај одредени функционери тој бара не само морална и политика одговорност туку дека има елементи и за кривично одговорност за тоа што го прават, за тоа што им го нанесуваат на граѓаните.

Според Народниот правобранител, во ситуација кога две години имаме политичка криза, страдаат правата на граѓаните затоа што има нефункционални институции и недоволна одговорност.