Во јавниот сектор во Македонија се вработени вкупно 129.653 лица, покажува најновиот годишен извештај за 2016 година на Министерството за информатичко општество и администрација, кој произлегува од регистарот на вработени во јавниот сектор.
При презентацијата на извештајот, министерката за информатичко општество и администрација во заминување, Марта Арсовска-Томовска, изјави дека тој нуди сериозна анализа на обемот и на структурата на вработените според пол, возраст, образование и етничка структура во јавниот сектор, како и анализа на организацијата на државата со класификација на институциите основани од државата.
– Целта ни е со подготовка на ваков извештај, кој произлегува од регистарот на вработени, да обезбедиме на едно место податоци и за институциите и за државата кои понатаму ќе ни послужат за планирање на човечките ресурси, за подготовка на следната стратегија за реформата на јавната администрација за периодот 2017-2022 година, а на стручната и на научната јавност ќе ѝ овозможат да врши истражувања и анализи во однос на јавното управување. Извештајот ќе обезбеди и транспарентен и отчетен начин на кој Министерството сака да ги сподели овие податоци со јавноста и со тоа да престанат сите шпекулации во иднина кои се однесуваат на бројот и на структурата во јавниот сектор – рече Арсовска-Томовска.
Извештајот нуди анализа на структурата на податоците за 110.311 вработени во јавниот сектор, од кои жени се 59.111, а мажи 51.200, а просечната возраст изнесува 45,4 години. Извештајот не содржи податоци за структурата на 19.342 лица кои се вработени во АРМ, МВР и во Агенцијата за разузнавање поради чувствителноста на податоците.