Реакција за јавност по повод смртта на четири годишното дете растргнато од кучиња
Длабоко сме потресени и изразуваме сочувство до семејството на малиот Џеваир од кичевското село Бачишта, кој пред неколку дена беше нападнат и растргнат од овчарски кучиња. Во оваа трагедија загубата е ненадоместлива и искрено жалиме.
Ова е несреќа во која само еден миг човечки превид, или неодговорност има кобни последици. Кучињата кои го нападнале малото дете имале сопственик, но се шпекулира и дека се приклучиле и бездомни кучиња.
Повеќе од кога и да е чувствуваме потреба повторно да го посочиме коренот на проблемот , причинителот на прекубројноста на бездомните кучиња – кои се на улица, но не по своја вина. Најголем причинител за бездомни животни е човекот, кој ги размножува неконтролирано, потоа исфрла на улица. Сето тоа е игнорирано, поминува неказнето од страна на институциите и неминовно води до продлабочување на проблемот. Тука лежи примарната одговорност.
Неопходно е веќе еднаш да сфатиме кај кого е вината, а тоа не се здруженијата за заштита на животни во кои јавноста знае да го впери прстот. Здруженијата не сакаат бездомни животни на улица и се единствени кои волонтерски, самостојно, континуирано дејствуваат и реално придонесуваат кон намалување на бројката бездомни кучиња; 1) инсистираат на вдомување наместо купување миленик; 2) бараат со закон да се дефинира задолжителна стерилизација; 3) формулирање законска рамка која ќе санкционира неодговорно сопствеништво – напуштање и неконтролирано размножување на милениците, 4) доследна примена на законите!
Сепак здруженијата не само што немаат никаква надлежност, туку се исклучени, држани на страна и целосно оневозможени да дејствуваат и им помогнат на институциите во третирање на овој проблем. Да биде пострашно освен што се одбива нашата волонтерска помош, се одбива секој друг вид помош која сме ја обезбедиле од странски организации – се одбила можност за нивно доаѓање во Македонија и теренско дејствување кое секако би придонело кон воспоставување контрола на бездомните животни на улиците и едуцира населението. Се одбива помош која е од интерес на граѓаните, животните и колективната благосостојба и безбедност.
Сегашниот начин на справување со бездомните кучиња во Македонија е исклучително негативен. Иако граѓаните на Македонија плаќаат даноци преку кои се обезбедуваат средства за надминување на овој проблем, пари со кои располагаат поединечните општини, сепак со децении наназад земјата има 1) политика на убивање како начин на справување со популацијата напуштени кучиња и мачки 2) без забележителни резултати ниту во намалување на нивниот број 3) ниту, пак, очигледно, во создавање на одговорни сопственици, 4) ниту во однос на едукација за позитивен соживот меѓу луѓето и животните.
Надлежните (институциите од локална и централна власт ) најчесто веруваат дека единствениот начин да се задржи под контрола популацијата на бездомни животни е истите да се убијат, располагаат со народните пари воглавно ги убиваат животните – меѓутоа, тоа е скап и целосно бескорисен метод кој ги отстранува (за кратко време) симптомите, но нема никакво позитивно влијание врз причините за овој феномен.
Јавните пари циклично се трошат, а се развива насилно и сурово однесување кон животните од страна на локалното население и обратно, раздразливост, недоверливост кај животните
САКАМЕ ЈАВНОСТА ДА ЗНАЕ – ниту едно куче не се раѓа агресивно. Агресијата раѓа агресија. Особено кај оние кои некогаш биле злоупотребувани во борби и тренирани и исфрлени на улица – таквите кучиња се тренирани да можат да убијат. Кичевскиот реон каде што е нападнато детето е познат по организирани борби со кучиња.
Еднаш за секогаш за да се пронајде решение за овој децениски проблем, МОРА да се третираат причините, коренот на проблемот.
Ако имаме намера да постигнеме резултати на долг рок, ако целиме да вакви страотни несреќни случаи не се повторат, од клучно значење е спроведување на структуиран и комплексен систем кој опфаќа услуги од законодавен, образовен, правен и здравствен аспект.
Со цел сеопфатно третирање и решавање на проблемот со прекубројноста на кучињата, предлагаме и воведување на забрана за непречено размножување на домашни животни и применлив систем на санкции во случај на неодговорно сопствеништво.
ПОСОЧУВАМЕ ДЕКА СИТЕ ОВИЕ СЕГА НАФРЛАНИ ПРЕДЛОЗИ СЕ ТЕМЕЛНО И ВО ПОВЕЌЕ НАВРАТИ ОБЈАСНУВАНИ ПРЕД ИНСТИТУЦИИТЕ – НО ОЧИГЛЕДНО НЕМА КОЈ ДА НЕ СЛУШНЕ и ЖАЛИМЕ ШТО Е ТАКА .