Францускиот и британскиот амбасадор со критики за Иванов и блокадата на парламентот – ВИДЕО

Сподели

Меѓународниот фактор со остри критики по последните настани во Собранието. Тие ги повикуваат политичките партии да ги надминат разликите што поскоро и да овозможат избор на новиот претседател на Собранието. Францускиот амбасадор во Скопје, Кристијан Тимоние, во изјава за Алсат-М го оцени како детски пристапот на политичарите, а не штедеше критики ниту за Претседателот Ѓорѓе Иванов, кој не му го додели мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

„Станува збор за детска болест која ја блокира работата на Парламентот. Во Собранието започна процес на избор на Претседател на Парламентот. Со неговото избирање ќе започне и дијалогот во рамките на институциите, на Уставот. Претседателот зборуваше, но зборуваше сам. ЕУ го кажа својот став преку своите претставници кои претходно беа во Скопје. Жалиме и поради неподготвеноста на Претседателот на државата за да се сретне со нив. Нашиот впечаток е дека некои од политичките партии не секогаш поседуваат политичка волја за институционален дијалог.“ – изјави Кристијан Тимоние, амбасадор на Франција

Францускиот дипломат ја истакна и потребата од деблокада на демократските процеси за да се овозможи организирање на локалните избори и за продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство. Тимоние изјави дека и покрај тоа што одредени лица можеби имаат страв од СЈО, независното функционирање на оваа институција е меѓу главните услови за евроинтеграциските процеси на земјава.

„Локалните избори се составен дел од зацврстување на државните капацитети. Блокирањето на локалните избори ќе влијае негативно врз граѓаните. Прашањето со СЈО треба да се реши во рамките на Собранието. Станува збор за нешто сериозно што влијае врз постигнувањето на општ и транспарентен систем, што е една од главните точки за зачленување на земјата во ЕУ. Можеме да предвидиме дека последиците од СЈО ги плашат одредени лица, но самиот транспарентен систем треба да биде таков.“ – додаде Кристијан Тимоние, амбасадор на Франција

Пораки за деблокирање на работата на Собранието упати и амбасадорот на Велика Британија во Скопје. Во изјава за Алсат М, амбасадорот Чарлс Гарет истакна дека одолговлекувањето на изборот на Претседател на Собранието и одлуката на Иванов да не го додели мандатот на Заев, ја парализираат државата.

„Одолговлекувањето на процесот на избор на Претседател на Собранието ги попречува членовите на Парламентот, како претставници на народот да си ја вршат својата работа. Претседателот Иванов треба да ѝ го додели мандатот на групата која го претставува мнозинството во Парламентот. Досега, имаше многу непотребни доцнења. Блокирањето на Парламентот ќе го блокира и функционирањето на државата како една целина. Владата треба итно да се формира.“ – изјавија од Амбасада на Велика Британија во Скопје

И високите претставници од Брисел, шефицата на европската дипломатија Федрика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, не ја одрекоа можноста за санкционирање на државата, а неколкупати ги повторија и своите апели за почитување на парламентарното мнозинство за формирање на новата Влада која ќе се фокусира на спроведување на реформите и на започнување на преговорите за зачленување на земјава во евроатланските структури.