Со поништувањето на аболицијата за политичарите се отвора простор за смирување на страстите, изјави денеска премиерот, Емил Димитриев по координативниот работен состанок во Владата на тема „Акциски план за реализација на итните реформски приоритети“.
Според Димитриев, Иванов имал добри намери кога ја донел одлуката за аболиција, но поради политичкиот контекст, таа морало да биде повлечена.
– По носењето на аболицијата целиот предмет се стави во политички контекст при што главен акцент се даде на политичарите кои беа дел од овој акт. Со поништувањето на аболицијата за политичарите сметам дека има простор за смирување на страстите, а за останатите постои законско решение со кое по нивно барање може да биде повлечена аболицијата. Од функционален аспект не гледам проблем целосно да профункционира поништувањето на аболицијата и сметам дека втората одлука е добро правно осмислена за на некој начин секој да може да се откаже од аболицијата – изјави Димитриев.
Прашан за коментар за одложувањето на изборите, Димитриев вели дека сите обврски за спроведување на изборите и на 24 април и на 5 јуни биле исполнети и дека нивното одложување значи пролонгирање на кризата, што негативно се одразува на функционирањето на државата.
– Новата реалност во ситуацијата е да се посветиме силно на реализација на програмата на Владата, на реформите и на крупните проекти од различни области – инфраструктура, земјоделство, здравство и паралелно со тоа да течат политичките разговори меѓу политичките партии за да се утврди нов термин за одржување на избори – изјави премиерот Димитриев.
Димитриев: Поништувањето на аболицијата за политичарите е можност за смирување на страстите