Диктаторот на Доминиканската Република Рафаел Труиљо (Rafael Trujillo) бил невиден идиот. Идол му бил хаитскиот диктатор Франсоис Дувалјер (Francois Duvalier), уникатен шизофреничар, кој само затоа што сонувал дека неговиот близок соработник Клемент Барбот (Clement Barbot) посакува да му биде наследник, одлучил лично да го егзекутира. Но, тој успеал да побегне, а органите не можејќи да го пронајдат, од страв смислиле приказна дека Барбот се има претворенo во црн пес (казна според религијата–„Voodoo“). Дувалјер наредил да се убијат сите црни пси. Но, подоцна Барбот бил пронајден и лично диктаторот му јаздробил главата пред неговите деца и дел од мозокот го затворил во сад и го чувал кај себе (ритуал од„Voodoo“верувањето, според којшто на починатиот треба да му страда душата).
Главниот град, автопатишта, важните згради, дури и планините, Труиљо ги преименувал по неговото име. Градел по своја фантазија, без никаква автохтона вредност и секој ден организирал групи кои наводно спонтано се молеле на Господ што им подарил таков водач. Труиљо наредил да во секоја црква стои натпис – „Dios en cielо, Trujillo en tierra“ (Господ на небо, Труиљо на земја). На главните плоштади и во сите институции и судови, висела светлечка гигантска табла каде што пишувало „Dios y Trujillo“ (Господ и Труиљо). Медиумите го прикажувале како многу чесен и скромен лидер. Но, по неговото убиство во 1961 година, во неговите тајни раскошни вили биле пронајдени неверојатни богатства и скапоцености во вредност од тешки милјарди долари, но и личниот дневник каде што пишувало:„Las personas son como animales“ (луѓето се како животните).
И ова наше чудо од владеење со години владел со некаков невидлив слоган – „Господ на небо, Ѓаволот на земја, Груевски во подземјето“. Се во државата беше ставено во служба на организираниот криминал. А криминалот изгледа како добар слуга се додека не се претвори во лош господар. Режимот со години луѓето ги третирал како животни, кои мора да му се умилкуваат на патронот и тогаш кога се гладни и тепани. Морале да му бидат послушни и тогаш кога нивните чеда им беа протерани во туѓина, и тогаш кога биле ограбени, понижени, осиромашени и газени. Човечкиот интелект го доведоа на ниво на интелектот на кокошка кога смислија налудничава приказна за потеклото на белата раса! Наводно 24/7 се грижеле за луѓето на кои им земале се што имаат -достоинството, среќата, иднината, животот, мирот. А провладината пропаганда на луѓето им создаде хаос во борбата меѓу очите, ушите, срцето и умот. Не убедуваа дека и дворската будала може да биде цар.
Со години, основно гориво на режимот беа само лагите. Се лажело за се – за развојот, за дуинг бизнисот, за намалување на невработеноста, за инвестициите, за образованието, за болното здравство, за името, за борбата против криминалот итн. Што се однесува до душите што страдале (според нашето “Voodoo”), нивниот број е блиску до севкупниот број на населението во државата. Страдаа и тие на кои им беа преземани фирмите, и тие на кои им беа уништени бизнисите, и тие кои беа рекетирани. Страдале и тие изнемоштени што немале доволно да јадат, ама можеле бесплатно да се скијаат! И тие што повеќе се плашеа од животот отколку од смртта. Страдале родители, баби и дедовци, оти нивните чеда си заминаа неповратно поради „невозвратена љубов“. Така вели една плавуша чија наука има ниска цена на нормалниот пазар, ама висока на црн пазар.
Ни се случи „Црниот понеделник“ и многу други црни денови, а како финале ни се случи „Црвениот четврток“. Пратеници, новинари, сниматели и нивните семејства поминаа ноќ на долгите ножеви. Криминални владини банди и нивни ментори за последен пат се обидоа со палење на страста да го гасат разумот. Паравласта како да не сакаше да разбере дека кога на будалата ќе му дадете нож – вие сте убиецот. Разни улични бетменовци со недели се обидуваа да ги убедат луѓето дека токму ѓаволот е најдобриот ангел. Така нивните подржувачи ги туркаа во смрдливо мочуриште и сега велат дека самите скокнале.
ДПМНЕ форсираше ЕУ и НАТО за да дојде на власт, а кога успеела смислила тешки провокации со името за истите да ги торпедираа за да не му пречат на криминалот. Потоа ја смислила Антиката, а кога веќе не му помагаше се врати во руското славјанство! А луѓето тешко сфаќаа дека ако не знаете за кај пловите сигурно таму и ќе стасате.
Државното водство го карактеризираа основно непознавање на меѓународната политика и геостратегија. Држеле неспособни „експерти“ кои го кажуваа тоа што нивните шефови сакаа да го слушнат. Само добар познавач опоменува на грешките, а лошиот само ќе ја разубавува грешката.
Заев прв сфатил дека е потребен сосема нов пат – вистински пат. Знаел дека не треба да помине низ постојните патишта, туку низ нови непогазени места за да отвори нови патишта, оставајќи свој траг. Тие патишта не се ниту лесни ниту брзи. Но, сепак се стаса кај што треба. Загубивме многу. Тоа нека ни служи за поука да не веруваме веќе на празни нешта, туку на конкретни дела. Да сфатиме дека вистински патриотизам не се Сител-весите туку развојот, напредокот, нормалната живеачка, професионалното образование, здравото здравство.
ЕУ треба да разбере дека не треба да делува како досега според некои флуидни и сомнителни проценки. Треба работите да ги третира содржински. Да не ни праќа понатаму луѓе кои можеби вкусиле нешто од казанот на владиниот лажен ритуалнен и магичен пијалок. Претпоставувам дека Европејците веќе сфаќаат дека доктрината – „безбедност пред демократија“ всушност завршува кобно за двете. А секоја власт мора да сфати дека кој мирната еволуција ја прави невозможна, тој насилната револуција ја прави неизбежна. Потребна е одговорност на сите нивоа, во судството, обвинителството, полицијата итн. Ќе ни треба многу труд, пот и солзи за да почнеме да профункционираме после повеќегодишната хаварија, но друг пат нема. Дваест години сме вратени назад и пет пати позадолжени. Но, сега се уверивме дека сиот мрак на државата не може да ја сокрие светлината од само една мала светличка.
Мерсел Биљали