Крајот на Втората светска војна беше победа. Победени биле фашистичките војски. Но, гледаме дека фашизмот не беше победен како политичка пракса и идеолошка парадигма. Кога фашизмот, во разни форми и под разни маски, насекаде се враќа како прифатлива политичка пракса, а ги нема комунистите за да го поразат, иднината на светот, сè повеќе, се исцртува како страшна и црна бездна преполна со масовни страдања и несреќи. За жал, повеќе од две децении наназад и кај нас фашизмот се враќа на политичката сцена и за тоа се молчи. Оние кои имаа семејна антифашистичка традиција масовно се откажуваа од неа, а оние кои имаа фашистички корени се истопорија на јавната сцена под маската на антикомунизам и антитоталитаризам. И токму во ова сегашно време на беснеење на македонскиот фашизам, добро би било оние наши полуобразовани неолиберали кои антикомунизмот со години го користат како политичко-демагошка бижутерија за секоја пригода, да ги потсетиме на зборовите од Растко Мочник дека „фашизмот нужно е антикомунизам“, да им укажеме дека антикомунизмот нужно завршува во фашизам и да побараме во иднина да престанат да му овозможуваат егзистирање на фашизмот.
Денес, по насилните и крвави настани во македонскиот парламент, добро е сите да се потсетат дека Хитлер својот антикомунистички поход и воспоставувањето на својата диктаторска фашистичка власт, која на крајот го запали цел свет, го почна токму преку палењето на Рајхстагот во 1933 година. Затоа, ние по нашата карикатурална верзија на „палење на Рајхстагот“, мораме да мислиме и говориме за македонскиот фашизам. Нашата борба, нашата антифашистичка борба, против злосторничко-криминалните вандалски сили на фашизмот мора да продолжи. Мора да продолжи, оти мора да го спречиме малоумното извитоперување на вистината, да го спречиме безобразното газење на нашиот здрав разум, да го спречиме уништувањето на нашето човечко достоинство од страна на портокаловиот Центар за лаги и манипулации и неговите повеќебројни релеи во медиумскиот простор.
Фашизоидната стварност деновиве, и буквално, засмрди на човечка крв. Сведочевме брутално ѕверско физичко изживување од страна на портокаловите вандали и нивните полициско-криминални побратими, врз инакумислечките, слободоумните, одважните, мирните и пристојните политичари и граѓани. Нашиот портокалов фашизам, во деновиве што доаѓаат, ќе нè убедува дека социјалдемократите сами се тепале низ Собранието, исто онака како што Гебелс ги убедуваше Германците во тоталниот апсурд дека Мариус ван дер Лубе и германските комунисти го запалиле Рајстагот само за да бидат потоа истребени преку разулавениот фашистички терор. Ќе се воодушевуваат и ќе ги фалат насилството и злото. Ќе нè убедуваат нашите „мали гебелси“ дека паниката, стравот и гадењето пред крвта се ирационални и непотребни. Дека тие „одвратни“ чувства и мисли се небулози на „антимакедонските центри“ кои сакаат да го уништат Пастирот, неговиот братучед и нивната мафијашка дружина заколната врз портокаловата omerta. Со нивната превртена антихуманистичка, милитаристичка и фашистичка логика ќе нè убедуваат дека крвта е елемент како и водата, дека во потоци течи од почетокот на светот, дека токму таа е „петтиот елемент“ во основата на светот (а не љубовта како што режисерот Лук Бесон ни ја сугерираше во својот истоимен филм од 1997 г.) Ќе нè тераат да поверуваме дека ако крвта не би течела, Земјата би престанала да се врти, а Македонија би ја снемало.
Затоа во ова смрдено фашистичко време, време во кое разликата меѓу вистината и креираната портокалова стварност е сурово евидентна, не треба да се остане издвоен и самоизолиран од случувањата. Недозволиво е да се наседне на било која лага на мегафоните на власта. Секој треба да се обиде да ги разобличи портокаловите измислици и умноболни грозоморни фантазии, секој треба треба да направи сè за да ја тргне „маската“ од наводниот „голем портокалов патриотизам“, кој е, всушност, врховистички антимакедонизам. Кој одбива да се вклучи во новата македонска антифашистичка борба, кој ќе остане „неутрален“ и на „дистанца“, кој ќе биде тивок и нем, не само што „намерно“ не разбира во кое и какво фашистичко време живее, не само што е несовесен егоист, подлец и филистер, туку е и директно одговорен за евентуалната „смрт“ на слободата и државата.
Теодор Адорно во 1949 година запишал: „Да се мисли на Германија, значи да се мисли на Аушвиц“. Веројатно, по ова што ни се случи деновиве, заради потребата секогаш да си го негуваме нашиот антифашизам кој нè направи државотворна нација, но и заради потребата секогаш правовремено да се спротиставиме на македонскиот фашизам, ние Македонија секогаш во иднина ќе мораме да ја мислиме преку „крвавиот фашистички четврток“ во македонското Собрание.