Нухиу поднел барање до Владата да се разреши Митко Чавков од БЈБ

Сподели

-“Враќање назад нема, работите мора да се расчистат докрај и секој ќе одговора за своите постапки”, порача министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, на денешната прес-конференција во МВР, на која соопшти дека до Владата поднел барање да се разреши Митко Чавков од функцијата директор на Бирото за јавна безбедност, и порача дека формирал оперативен штаб што ќе ја испитува одговорноста на сите припадници на МВР вклучени и одговорни за дејствувањето минатиот четврток при хаосот, дивеењето и тепањето во Собраниетто на Република Македонија, пренесува Мета.

– Дел од структурите на МВР предизвикаа многу штета на нашата држава и на демократските вредности. Тоа што се случи во четвртокот во Собранието е големо зло и за да ја поправиме оваа штета, ќе треба многу време и ангажман не само од МВР, туку и од јавното обвинителство и од судството – кажа Нухиу на почетокот на денешната прес-конференција.

Министерот за внатрешни соопшти дека формирал работна група од професиналци во МВР, која има задача да утврди дали оперативниот штаб и организациските единици на МВР постапувале во согласност со утврдените процедури и да утврди одговорност за направени пропусти, пречекорувања на овластување или неизвршување на работните обврски. Заклучоците ќе бидат дел од извештајот за јавното обвинителство, рече министерот.

– Ги повикувам сите вработени во МВР да се вклучат активно и да доставуваат службени материјали за настаните во Собранието – порача Нухиу.

Тој рече дека до Владата поднел предлог за разрешување на Митко Чавков од функцијата директор на Бирото за јавна безбедност, а со писмена наредба, за кооординатор на оперативниот штаб го назначил Горанчо Савовски, државен советник во БЈБ.

Нухиу порача дека на МВР му се потребни исклучиво професионалци.

– На крајот сакам уште еднаш да ги повикам и да ги охрабрам вработените во МВР сите да бидеме еден покрај друг и професионално да продолжат да си ја вршат работата. На МВР му се потребни професионалци кои во иднина ќе бидат столб на оваа институција – рече министерот за внатрешни работи.

Министерот се заблагодари и на медиумите, велејќи дека дале голем придонес за согледување на сите работи и изрази надеж дека и во иднина ќе продолжат да даваат свој придонес за демократијата.

meta.mk