Распишана потерница по поранешниот претседател на Србија и Црна Гора, Светозар Маровиќ

Сподели

Црногорската полиција распиша потерница по Светозар Маровиќ, единствениот претседател на федерацијата Србија и Црна Гора и висок државен функционер во Црна Гора, откако тој не се јави на издржување затворска казна и не ѝ врати на Црна Гора околу еден милион евра.

Како што јавуваат локалните медиуми, високиот функционер на владејачката Демократска партија на социјалистите се бара по потерница побарана од претседателот на Основниот суд во Котор, иако јавноста е информирана дека Маровиќ „е на лекување во Белград“.

Маровиќ е осуден на три години и 10 месеци затвор поради малверзации со општински недвижен имот во Будва, со што, според пресудата, заедно со својот син и група поранешни локални функционери и бизнисмени го оштетил општинскиот буџет за повеќе милиони евра.
Маровиќ минатата година се спогоди со државата да ѝ исплати 1,2 милиони евра.

Според пресудата, поранешниот претседател на Србија и Црна Гора и еден од тројката политичари, покрај Мило Ѓукановиќ и Момир Булатовиќ, што владееше во Црна Гора речиси од распадот на Југославија до осамостојувањето на Црна Гора во 2006 година, веќе неколку месеци требаше да биде в затвор. Но, тој побара одложување на затворската казна поради лекување во Белград, што му беше одбиено од судот, а потоа сепак замина во Белград и на државата не ѝ ја исплати сумата за која се спогоди.

meta.mk