22.Конгрес на СДСМ: Партијата бира претседател

Сподели

Во хотелот „Александар Палас“ во Скопје денеска ќе се одржи 22. редовен конгрес на СДСМ, на кој, покрај другите точки, ќе се изврши реизбор на Зоран Заев за претседател на партијата и ќе се избере нов состав на Централниот одбор.

СДСМ на почетокот на месецот распиша конкурси за самокандидирање на заинтересирани за функцијата претседател на партијата и за членови на Централниот одбор, а како што соопштија од СДСМ единствен кандидат за највисоката функција е Заев.

СДСМ најави учество на околу 700 делегати на конгресот. Неизвесно е дали тие, покрај другите точки, ќе бидат информирани за составот на новата влада, која ќе ја предводи Заев, бидејќи преговорите со партиите од албанскиот политички блок – ДУИ, Беса и Алијанса за Албанците не се исцрпени.

Заев вчера за изгледот на новата влада и за кадровските решенија разговараше со Али Ахмети, Зијадин Села и Биљал Касами, а најави дека преговорите ќе продолжат и денеска, ако остане време по конгресот и најверојатно и утре.

Од Беса по преговорите нагласија дека партијата нема да отстапува од своите принципи и нема да прави компромиси во поглед на барањата на партијата адресирани до СДСМ.

Лидерот на СДСМ изрази надеж дека до утрешниот ден веќе ќе бидат завршени преговорите, за во текот на следната седмица Македонија да ја добие новата реформска влада.

meta.mk