Заев во експозето: Ќе бидам премиер на сите, најавувам одговорна, реформска, европска Влада!

Сподели

„Очите на демократскиот свет се вперени во нас. Барам поддршка заедно да зачекориме во европското семејство“, порача денеска во Собранието на Република Македонија мандатарот за составување на владата, Зоран Заев, обраќајќи се не само на пратениците, туку и на граѓаните и на експертите во државата, но и на министрите на кои им рече дека ќе мора да предлагаат решенија, а не само да го слушаат премиерот.

Во 20-минутното образложение на програмата на владата што ќе ја предводи, Заев рече дека таа ќе биде реформска и ќе донесе живот во Македонија за сите.

– Три клучни темели ќе гради новата реформска влада. Ќе биде посветена на економијата и на живот за сите. Ќе биде посветена на силни професионални институции и на правда за сите. Ќе биде посветена на Европската Унија и на НАТО и на перспективи за сите. На тоа се обврзувам овде, во законодавниот дом. Ова се луѓето кои пред мене се обврзаа, а барам и пред вас и пред граѓаните да го исполнат својот збор, како што и јас го давам својот збор. Ќе работиме чесно и посветено, исклучиво за потребите на граѓаните на Република Македонија. Со рака на срце порачувам, завет е, ќе работиме напорно ден и ноќ за да го исполниме – вети Заев.

Мандатарот вети дека реформската влада ја презела обврската да ги исполни сите препораки од Извештајот на Прибе.

– Ќе обезбедиме стабилност за граѓаните и за државата. Наша цел е отворање преговори со ЕУ во најкус можен рок, а исто така и зачленување во НАТО. Наша цел е просечна стапка на пораст на економијата повисока од 5 проценти во периодот на мандатот – рече Заев.

Тој вети зголемување на минималната плата на 12.000 денари за сите работници во првата година на мандатот, а нејзино зголемување до 16.000 денари до крајот на мандатот. Вети и 30.000 денари просечна нето-плата, зголемување за 100 пати на директна државна поддршка за малите и средни претпријатија, односно 20 милиони евра во првата година на мандатот. Заев рече и дека уште во првите 100 дена од мандатот ќе го објави вкупниот износ на сите доспеани обврски на државата и ќе се изработи план со јасни рокови за нивно плаќање.

Претседателот на СДСМ  рече дека политичките партии мора да ги тргнат рацете од државата и повика на градење ефикасен и праведен систем.

– И сакам овде јавно да порачам дека е доста од реваншизми и од партиски отпуштања. Се обрзуваме на ефикасна и професионална администрација за никој да не чувствува страв за работното место и да не работи под притисок на партиски уцени. Ќе го решиме проблемот со државните службеници кои долго време примаат плата, а не се распоредени на работни места, на тој начин што ќе усвоиме план за нивно итно распоредување на работни места и професионален ангажман – рече Заев.

Мандатарот вети отчетност за буџетот и носење одлуки во постојана консултација со граѓаните, но и создавање услови за независен и ефикасен правосуден систем, како и реизбор во судството според познати европски практики, далеку од рацете на политичарите.  Порача дека ќе се формира специјално одделение во Основниот суд 1, во чија надлежност ќе бидат предметите што ги процесира Специјалното јавно обвинителство, а и ќе се обезбедат механизми на контрола над следењето на комуникациите.

Мандатарот вети и дека владата ќе овозможи соодветна употреба на јазиците на заедниците, „со што ќе овозможи сите граѓани полесно и поефикасно да ги остварат своите уставни права, без притоа на каков било начин да биде загрозен македонскиот јазик“.