Пакет економски закони, распределување на ресорите и портфолијата на министрите без ресори, поставување на заменици на претседатели на Владата, избор на генерален секретар и шеф на кабинет и формирање на постојните и на адхок комисиите, ќе бидат темите на дневен ред на денешната прва седница на новата Влада, закажана за 14 часот, најави премиерот Зоран Заев.
– Мој прв впечаток е дека есенва мора да следува ребаланс на буџетот заради новата владина програма и политики, но тоа зависи и од моменталната финансиска кондиција и ликвидност на буџетот на Република Македонија – објасни Заев, одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на конференцијата „Жени во енергетика“ во Скопје.
Во врска со економските закони, Заев рече дека станува збор за пакет закони што се подготвувале целиот период додека граѓаните очекуваа нова влада и дека тие ќе бидат разгледувани на неформалниот дел од денешната седница.
– Тоа е делот за реализација на ветувањата за укинувањето на радиодифузна такса, враќањето на евтината тарифа на струјата и социјалниот пакет за најранливите категории граѓани – истакна Заев.
Тој рече дека сè уште не е одлучено кој ќе биде портпарол на Владата. Новиот премиер посочи дека се разгледува можноста и новинари да бидат ангажирани во Владата.
На новинарско прашање за уривање на оградата на Владата, Заев рече дека одлуки ќе се носат наскоро, по разгледување на законските можности. Рече дека дел од оградата би можел да се преправи во клупи, но ќе чека да види какви предлози ќе дојдат од архитектите и од инженерите.
Прашан кога очекува државниот јавен обвинител Марко Зврлевски да поднесе оставка, Заев рече дека денеска е првиот работен ден по неговиот повик за оставка и дека очекува реакција од јавниот обвинител.
– Еден од симболите за узурпирана правна држава е Марко Зврлевски и затоа верувам дека што поскоро треба да поднесе оставка – посочи Заев.