СТАВ: Хулиганското навивање го уништи славјето на улиците на Скопје – Соња Стојадиновиќ

Сподели

Откако „Вардар“ го освои пехарот на ракометната Лига на шампиони се испиша уште една страница од спортската историја на независна Македонија. Таа страница ќе беше беспрекорно чиста и целосно за гордеење ако не беа националистичките и фашистички извици на одредени навивачи кои ја славеа шампионската титула на улица.

Извиците како „Само мртов шиптар е добар шиптар“ и слични на нив само предизвикаа згрозување, страв и шокираност кај албанските граѓани. Албанците што излегоа со Македонците на улица да ја слават победата која јавноста ја прикажа како победа на цела Македонија, а не на еден клуб, со чувство на горчина се вратија дома. После ваквите извици, немаме основа да ги обвинуваме сограѓаните Албанци затоа што не навиваат за македонски клубови, па дури ни за македонската репрезентација.

Никој не сака да навива за некого чии навивачи ја сакаат неговата смрт. Ако се земе предвид дека целиот тим на Вардар е составен од играчи од различни националности, место за националистички навреди и повици нема. Какво ќе беше навивањето и славењето ако во тимот имаше и играч Албанец? Победничката еуфорија беше искористена за исфрлање на навивачките и личните фрустрации и остави горчина во воздухот.

Тие што ја држат страната на навивачите и што го оправдуваат и релативизираат нивното неприфатливо однесување, велат: ама тоа е во жарот на навивањето. Не, тоа се нарекува хулиганство. Таквото однесување содржи навреди на расна, верска, национална основа, насилство, расистичка и фашистичка кореографија, нереди на стадионите, загрозување на безбедноста на сите гледачи. Се појавува најмногу во тимските спортови, има историја, ама има и решение за него.

Историја на хулиганството и решение

Иако првите податоци за хулиганството датираат од 14-тиот век, неговата експанзија почнува во 1960-тите години во Велика Британија меѓу фудбалските навивачи. Списокот на навивачки групи со хулиганско однесување во британската прва лига од 1970-тите години содржи клубови кои и денес се во истата лига и ни се познати. Лутон, Арсенал, Милвал, Блекбурн, Тотенхем, Лидс, Шефилд, Челзи, Манчестер, Ливерпул, Портсмут и уште многу други имале навивачи кои биле регистрирани хулигани. Но, врвот на хулиганството е достигнат со трагедијата која се случила на 29 мај 1985 година во Брисел на финалниот меч на Европскиот куп помеѓу Ливерпул и Јувентус. Навивачите на Ливерпул ја пробиле заштитната ограда и ги нападнале навивачите на Јувентус. Крајниот биланс бил 39 загинати и 600 повредени и сите британски фудбалски клубови добиле петгодишна забрана за играње надвор од границите на Велика Британија.

Тогашната британска премиерка Маргарет Тачер оформила посебна група во својот таканаречен „воен кабинет“ за борба против хулиганите на трибините. Рецептот е следниот, се уште се применува, а дел од него е имплементиран во правилата на УЕФА. Имано, Велика Британија стриктно се држела до законите кои ги донела во сферата на сузбивање на хулиганството и не отстапила ни чекор без разлика на протестите кои следувале потоа. На почетокот имале специјални судови пред кои директно ги носеле хулиганите. За само еден престап, тепачка, недозволена пиротехника, истрчување на терен, хулиганите ги апсела полиција на лице место, директно ги носела пред суд и се осудувале согласно законот. Ваквата строга мерка вродила со плод, па со времето бројот на полицајци на терените се намалил, се замениле со професионални редари, дури и оградите на трибините кои ги делеле навивачите биле отстранети. Со развивање на технологијата, поставени се камери кои го следат однесувањето на навивачите за секој испад и нефер однесување да биде забележено и соодветно процесуирано. Повторувањето на прекршоците предвидени за санкционирање во британските закони повлекуваат и доживотна забрана на присуство на фудбалските мечеви.

Правната рамка во Македонија за сузбивање на хулиганско однесување на спортските настани беше донесена во 2015 година преку Законот за спречување на насилство и недостојно однесување на спортските натпревари. Во овој закон наведени се 13 точки на однесување, кои се забраните на спортските настани и какви казни следуваат. Забранетите дејствија повлекуваат поголема казна доколку се сторени од маскирано лице, секако ако припадниците на полицијата успеат да го препознаат маскираниот сторител. Сепак, делот за санкциите е тој кој предизвикува прашалници дали воопшто законот би сменил нешто и во услови на строго применување.

Паричните глоби се движат од 500 до 1000 евра, а затворските казни се до три години. Тие се премногу мали за нивното применување да има видлив ефект. Еден од проблемите кој самите навивачи го потенцираат е дека пред секој натпревар нема состанок на навивачките групи со полицијата за да се сузбие хулиганството. Исто така, напоменуваат дека досега не се организирале заеднички трибини со различни навивачки групи за да се зборува за проблемите. Како што се сограѓаните Албанци згрозени од повиците на навивачите на Вардар, така и македонските граѓани и навивачи не сакаат да слушнат повици од навивачите на Шкендија или некој друг албански клуб „Убиј го кауринот“, а такви повици редовно има на фудбалските натпревари. Дополнителен проблем е и нацистичката кореографија која може да се види на трибините кога игра Пелистер. Навивачите немаат страв да стават нацистичко знаме со кукаст крст, а тоа поминува без санкции.

Примери од Европа

Постојат клубови во Европа кои се за пример во поглед на своите навивачки настапи и фер навивањето за време на натпреварите. Навивачите на шкотскиот Селтик отворено се декларираат како антифашистички и антирасистички навивачи, а еден од водечките во тој имиџ е второлигашкиот Сент Паули од Хамбург. Во 2015 и 2016 година навивачите на Сент Паули организираа турнини помеѓу сириските бегалци стационирани во околината на Хамбург и фудбалерите на клубот. Зад Сент Паули не заостануваат ниту навивачите на прволигашкиот Борусија Дортмунд кои се познати по фер навивањето и најдобрата кореографија на трибините. Во Италија, наспроти отворено фашистичкиот Лацио, го имаме Ливорно, додека во Франција, Олимпик од Марсеј го носи приматот на отворен и антирасистички клуб. Турција може да се пофали со истанбулскиот Бешикташ кој забранува дискриминација врз основа на раса, пол, религија, вера и јазик, а во Грција атинскиот АЕК гордо ги истакнува своите врски со францускиот Олимпик и италијанскиот Ливорно. Источноевропскиот стереотип за расистички настроени навивачи го кршат клубовите НК Загреб 041 од Хрватска и белорускиот Партизан од Минск.

Ако фудбалските мечеви се нарекуваат la petite Guerra (мала војна), војната не се одвива само на терените туку и на трибините. Ова важи за сите спортови во кои во навивањето се застапени расизам, насилство, дискриминација. На трибините не смее да се внесува националистичка кореографија и да се пеат националистички песни затоа што тоа го уништува ликот на клубот и се заборава за што се дојдени на трибините навивачите и публиката. Во македонската репрезентација имаме играчи и од други националности и таквото однесување нив ги повредува и навредува. Се сеќавам дека воопшто не ни беше тешко во 2002 година да го извикуваме името на Артим Шаќири кога му даде гол на англискиот голман Симан директно од корнер. Младите репрезентативци во фудбал до 21 година првпат во историјата лани успеаја да се пласираат на Европското првенство кое ќе се игра во Полска, а тимот има шест фудбалери Албанци. Се радуваше ли некој на учеството на атлетичарката Дрита Исљами на Олимпијадата во Рио 2016 година?

Фер навивање за коректно општество

Успехот на Вардар беше шанса за сплотување на граѓаните од сите националности, а не за дополнително разединување. Нашето општество е толку разнолико и богато и знае да го награди секој спортски успех и срамно е да продолжиме да пропаѓаме во калта на омразата. Македонија не е составена само од Македонци, туку и од многу други националности. Крајно време е да се соочат со тоа дека спортските успеси ги носат и Албанци, и Срби, и Роми, и Турци, здружено под македонското знаме.

Кога ќе го исфрлиме хулиганството од навивачките групи, ќе можеме слободно да се наречеме напредно општество. Дотогаш, ќе се давиме во мочуриштето на национализмот, фрустрациите, омразата и стравот.

Соња Стојадиновиќ

*Блогот е напишан во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.