Од почетокот на мандатот новата влада не се задолжи дополнително заради покривање на буџетскиот дефицит, туку преку продолжување на роковите на хартиите од вредност што достасуваат, а наскоро ќе се задолжува и на домашниот пазар, рече на денешната прес-конференција министерот за финансии, Драган Тевдовски.
– Од моментот на стапување на должност на новата влада, Министерството за финансии не креираше ново задолжување, туку само ги презапишуваше државните хартии од вредност што во тој момент достасуваа. Во буџетот за 2017 година е предвидено финансирање на буџетскиот дефицит од домашниот пазар и од странско задолжување – рече Тевдовски.
Тој посочи дека државата, преку Министерството за финансии, отсега ќе се задолжува повеќе на домашниот пазар отколку на странскиот. Како аргументи ги наведе пониските камати на домашните обврзници, кои во најголемиот износ се за околу 40 отсто пониски отколку за еврообврзниците. Аргумент за тоа е и поголемиот интерес за купопродажба на домашните обврзници, но и можноста за враќање на долгот на подолг рок отколку во случајот на еврообврзниците, наведе Тевдовски.