Владата на Република Македонија на својата 22. седница денеска ќе расправа за повеќе точки, меѓу кои и смена на раководители на институции.
Членовите на владата ќе ја разгледаат информацијата на Центарот за управување со кризи за активностите поврзани со кризната состојба на дел од територијата на земјава, за периодот откако е донесена мерката до денеска, како и информацијата на Министерството за здравство во однос на препораките од Комисијата за превенирање на последиците од топлотни бранови.
На дневен ред се и извештаите за работата на Судскиот буџетски совет и за реализација на судскиот буџет за 2016 година, како и годишниот извештај за управување со јавниот долг на Република Македонија за 2016 година. Ќе се разгледува и информацијата од Министерството за економија во врска со формирање работни групи за подготовка на нацрт-текст за нов закон за енергетика.