ФБ СТАТУС: ОЛИВЕРА ДОНЕВСКА – Оти ние сме едно исто, сите ние сме родители

Сподели

 

Како родители на деца со попреченост, со специјални потреби, со посебни потреби, како сакате наречете ги, често слушаме од другите:
– Колку си силен, навистина не знам како успеваш. Па згора на тоа успеваш да бидеш насмеан/а, ведар и не покажуваш нервоза пред сите, ниту пак тага.

И се` ми се чини дека давам речиси секогаш еден ист одговор, коментар, дека не сум ни посилна, нит похрабра од нив. Всушност, често се чувствувам дека сум помалку способна од сите други. Пошто кога родив дете со специјални потреби, никој не ми даде специјални вештини да се справам со тоа. Јас сум само мајка како и секоја друга, се борам за она што го имам, трудејќи се да обезбедам колку е можно подобар живот за моите деца. Ги правам сите оние работи кои ги прават и другите родители, и никој во тоа не може да успее сам, затоа мора да се држиме заедно, сите ние родителите, да си помагаме едни со други со совети, искуства. Ние ги сакаме нашите деца како што и сите вие ги сакате вашите. Сакаме да напредуваат, да бидат среќни. Ги одбележуваме среќните моменти исто како и вие, кога никнало првото запче, кога прв пат загугало…но некои бебешки споменари остануваат не пополнети. Но, кога нешто важно ќе се случи, тоа за нас е ГОЛЕМА работа, радоста дека нешто ќе се доживее, кога никој не очекувал никаков успех, е огромна.

На сите ни треба „пауза“ од родителството, но не само онаа пауза помината во купатило, туку време поминато со пријатели, сами. Исто како и сите останати родители што имаат пауза. Пошто никој од нас не се надеваше дека ние состаноците ќе ги замениме со трчање по лекови, вечерните излегувања со одења по болници, летните одмори со бањи за физикални терапии…

Сите родители понекогаш се уморни. Не сме ни ние супермени, ниту пак станавме такви кога дознавме дека децата ни се со пречки во развој. И понекогаш немаме сила да водиме сметка за себе, пошто живееме во секојдневна грижа за нашето дете, свесни дека денот, па дури и животот може да ни се свртат наопачки.
Уморни сме да…но и покрај тоа ние продолжуваме. Пошто сите сакаме исти нешта за нашите деца, а тоа се: здравје, среќа, успех.

И муабетот ми беше… кога некој ќе рече „Колку си силен и храбар родител и не знам како успеваш во тоа“, сакам да кажам…. и сите вие би биле и силни и храбри, исто како и ние. Затоа, да си помагаме. Да си помагаме надвор од домот а и во домот, во администрацијата, на училишта, градинки, работа… оти ние сме едно исто, сите ние сме родители.

Оливера Доневска