Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Советот за етика во медиумите на Македонија вчера до Министерството за информатичко општество и администрација доставија забелешки за Нацрт – Законот за именување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Главни забелешки на организациите е процентот од буџетот за финансирање на МРТ, прецизирање на листата на предлагачи на членови во Советот на МРТ и на Советот на Агенцијата за медиуми, како и бришење на два членови од законот што се однесуваат на принципите за известување на новинарите во изборна кампања.
Организациите остануваат на ставот дека еден процент од буџетот треба да се одвои за финансирање на МРТ, за што се даваат конкретни аргументи, како што е недоволната опременост на МРТ, немање дописничка мрежа, ниските плати на вработените, како и потреба за вработување на нов искусен и квалитетен новинарски и друг креативен персонал. Освен тоа, со измените на законот предвидено е вториот канал на МРТ да прерасне во посебен канал со 24 часовна програма на албански јазик, а програмата на останатите етнички заедници да се префрли на третиот канал. Сите овие обврски на МРТ бараат значително зголемување на средствата за нејзиното нормално функционирање како независен и професионален јавен сервис, кој ќе биде во служба на граѓаните.
Трите организации сметаат дека во листата на предлагачи треба да се прецизира дека Здружението на новинарите на Македонија предлага членови во Програмски совет на МРТ и Советот на Агенцијата. Со тоа ќе се обезбеди во овие тела членови да предлагаaт компетентни, кредибилни и независни организации, кои ги преставуваат интересите на новинарите.
Во забелешките се бара дополнително намалување на висината за надоместок за дозвола за телевизиско или радио емитување. Освен тоа, се инсистира Агенцијата за медиуми пред да покрене било каква прекршочна постапка, треба да ги опоменува јавно медиумите.
ЗНМ, ССНМ и СЕММ бараат и бришење на член 62-а и 62-б од законот, кои се однесуваат на политички плурализам во вести и дневно информативни програми во изборна кампања. Ние веруваме дека новинарските стандарди не можат да бидат објект на законска регулација, туку на саморегулација во медиумите. Ако етички новинарски стандарди се стават во закон, постои голема опасност тие да се злоупотребат за ограничување на слободата на говорот и слободата на медиумите.