Почитувани сограѓани на Општина Центар, драги соборци и пријатели,
Како одговорен човек и политичар, секогаш ќе ги ставам единството и напредокот пред личните интереси. Затоа ја повлекувам независната кандидатура и давам целосна поддршка на партијата во новата битка која ни претстои.
Во договор со премиерот Заев, одлучив да ја продолжам кариерата на висока раководна позиција во централната власт и да станам дел од партијата која тој ја предводи. Со него имам одлична соработка… и голема меѓусебна доверба и почитување. Токму затоа и решив да ја прифатам неговата понуда и заедно да продолжиме во нови победи.
Сакам да Ве уверам дека останувам посветен на Општина Центар и соработката со Вас.
Дозволете од се’ срце да Ви се заблагодарам за несебичната поддршка што ми ја дававте изминатите четири години како градоначалник на Центар. Ова беа истовремено најтешките, но и најубавите четири години од мојот живот, во кои искусив и научив многу. Во исклучително бурни времиња, преполни со уцени и закани, успеавме да направиме многу за општината, но и за соборувањето на режимот на Никола Груевски. Покрај сите притисоци, напади и опструкции, ги разобличивме сите злоупотреби на ВМРО-ДПМНЕ во Центар, но и реализираме 230 проекти од интерес на граѓаните. Иако тие проекти се реализирани исклучиво од сопствениот буџет, односно со 0 денари поддршка од централната власт, во еден мандат направиме повеќе од тоа што во претходни мандати го направија градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ. Јас и мојот тим сме особено горди и знаеме дека сето ова немаше да биде возможно без огромната поддршка која ја имавме од сите вас.
Искрено ваш,
Андреј Жерновски
Андреј Жерновски