ХОЈТ ЈИ: Одговорноста за прислушувањето е важно за членство во НАТО и ЕУ

Сподели

-“Многу е важно да се утврди одговорноста за нелегалното прислушување и за наводните владини злоупотреби во врска со прислушувањето. Тоа ќе биде клучен чекор за Македонија да ги увери НАТО, ЕУ и другите меѓународни партнери дека е подготвена да се интегрира во тие организации”, истакна заменик-помошник државен секретар на САД, Хојт Ји, во интервју за емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат М.

– Тоа е важно и за граѓаните на земјата да се уверат дека е воспоставено владеење на правото. Ги повикуваме сите политички партии, политички и владини лидери, членовите на Парламентот, да сторат се што можат да биде спроведена правдата, СЈО да ја добие потребната поддршка за да си ја заврши работата и да нема политички притисок врз обвинителите и судиите од инволвираните во утврдување на одговорноста. Тоа треба да се направи во разумен рок и да не се одолговлекува – истакна Хојт Ји.

Клучно за иднината на Македонија, според него, е и да се направат потребните судски реформи, кои ќе овозможат судството да стане независно, слободно од политички притисок, за да може да носи брзи и навремени одлуки, со што ќе се овозможи силно владеење на правото.

– Тоа е важно за граѓаните, за интеграцијата во НАТО и ЕУ, но и за привлекување странски инвеститори – вели Ји.

За релациите власт – опозиција во Македонија, Ји рече дека секоја демократија има потреба од силна влада, но и од силна опозиција, која нема само да блокира предлози со кои не се согласува, туку и ќе нуди алтернативи. Македонија, вели Ји, не може да си дозволи луксуз на постојани одлагања и опструкции од партиите.

– Демократско право е да се користат сите законски алатки што се во согласност со парламентарните правила. Но, обврската за одговорна, конструктивна опозиција значи не само блокирање предлози туку и нудење алтернативи. Затоа, се надеваме дека ВМРО и другите парламентарни партии ќе бидат конструктивни, дека ќе бараат компромиси кога има несогласувања. Одблиску ќе набљудуваме, исто и ЕУ. Ќе ги сметаме за одговорни оние партии или поединци кои опструираат само заради опструкција или заради лични и други намери – изјави Хојт Ји.

Заменик-помошникот државен секретар на САД се осврна и на влијанието на Русија во регионот на Западен Балкан. Смета дека Македонија треба да се спротивстави на руското влијание и на дезинформациите што пристигнуваат од Москва.

– Гледаме дека Русија се обидува да ја обесхрабри интеграцијата на земјите од Западен Балкан во НАТО и ЕУ. Важно е Македонија да работи со нас, со ЕУ и со партнерите во регионот, да продолжи да се противи на малигните влијанија од било кој извор кој ќе дојде, да продолжи да ја јакне независноста на медиумите, важно е да има силни, професионални, независни медиуми кои ќе се спротивстават на дезинформациите од Русија или други извори – изјави Хојт Ји.