Валстром и Соини се охрабрени од реформите на македонската влада

Сподели

-0Иднината на земјите од Западен Балкан е во Европската Унија, изјави денеска во Скопје министерката за надворешни работи на Шведска, Маргот Валстром, притоа порачувајќи дека Македонија треба да продолжи со реформските напори во насока на владеењето на правото, слободата на говорот, слободата на медиумите.

Валстром, на заедничката прес-конференција со шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, и со нејзиниот фински колега, Тимо Соини, рече дека потребни се поголеми напори во борбата против корупцијата за да се привлечат повеќе странски инвеститори.

Финскиот министер за надворешни работи, Соини, пак, рече дека исполнувањето на критериумите за влез во ЕУ се од суштинска важност за земјите од Западен Балкан. Тој истакна дека Финска и Шведска се охрабрени од резултатите во тој процес и го поздрави Договорот за добрососедство со Бугарија.

– Владеењето на правото е мошне важно за да може да функционира системот, со што ќе се спречи одливот на младите од земјата, а дури и некои од нив ќе се поттикнат да се вратат – рече Соини.

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, изрази надеж дека Македонија во 2018 година, кога се навршуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи со Финска и со Шведска, ќе добие чиста препорака за почеток на преговори за влез во Европската Унија. Тој оцени дека постојат реални шанси во 2018 година да се деблокира евроатлантската перспектива на Македонија.

– Ова се две земји од кои имаме што да научиме, тие се извор на инспирација, не само за Македонија, туку и пошироко во однос на тоа како ги организирале своите општества во интерес на своите граѓани. Тие доаѓаат во еден мошне важен период за Македонија во однос на нашата реформска агенда и во однос на надворешно-политичките активности на земјата – истакна Димитров, кој ова лето во рамки на нордиската турнеја ги посети Шведска и Финска.