Денешно рочиште за грабежот во „Тутунска банка”

Сподели

На денешното рочиште во скопскиот Кривичен суд, четворицата обвинети за грабежот во „Тутунска банка” ќе ги изнесат завршните зборови. Тие на минатото судско рочиште ја признаа вината, но не открија што сториле со украдените пари.

Јавното обвинителство соопшти дека четворицата се изјасниле за виновни и оти со умисла и во повеќе временски поврзани дејствија, искористувајќи ја својата работна позиција и познавање на процесите на работата во банката, противправно присвоиле парични средства во значителен износ од 400.000 швајцарски франци и 375.000 евра.

На 10. април годинава извршиле кражба и на 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра.

Согласно обвинителниот акт, првообвинетиот се гони за сторени кривични дела – затајување од член 239 став 5 во врска со став 3 и 1 и во врска со член 45, што значи дека делото е сторено повеќе пати во низа како повеќекратно остварување на истото дело, како и за сторено кривично дело – тешка кражба од член 236 став 3 од Кривичниот законик. Второто лице се товари за истите кривични дела – затајување и тешка кражба, но во врска со член 24 од Кривичниот законик, односно за помагање. Третиот обвинет со обвинителниот акт се товари за кривичното дело – тешка кражба со помагање, додека пак четвртото лице е обвинето за кривичното дело – затајување во врска со член 22 од Кривичниот законик, односно за соизвршителство.

Од Јавното обвинителството информираат дека за кривичното дело тешка кражба од член 236 став 3, што се однесува на предмети во вредност од големи размери, пропишана е затворска казна од три години до 10 години.