Од ноќеска во 3 часот по полноќ ќе почне зимското сметање на времето. Стрелките на часовникот ќе се поместат за еден час назад што значи дека времето во три часот, ќе се смета како два часот.
Зимското сметање на времето почнува последниот викенд од октомври и трае до последниот викенд во март кога започнува летното сметање на времето.
Преминот од летно кон зимско време прв пат е забележано во 1916 година во земјите во северна Европа, а досега е воведено во околу 70 држави, претежно на северната хемисфера.
Отпрвин договорот бил часовниците да се поместуваат по 20 минути во текот на четири последователни недели, односно вкупно 80 минути. Причината била, исто како и денес, повеќе да се искористи сончевата светлина во текот на приквечерието, а помалку светлина да остане неискористена во текот на утрото, но сето тоа да не биде многу драстично.
Поместувањето на стрелките во Западна Европа воведено е на почетокот на 70-те години од минатиот век, со образложение дека со тоа се продолжува денот, се овозможува заштеда на потрошувачката на електрична енергија, се зголемува продуктивноста, се подобрува прилагодувањето на луѓето и работниот ден е поефикасен.
Во 1996 година во Европа е постигнат договор од зимско кон летно сметање на времето да се преминува во последната недела од март, точно во 01:00 часот наутро според универзално време, односно во 02:00 часот според средноевропско време. Европската унија и останатите земји во Европа од 2002 година одредија летното време да почнува последната недела од март и да завршува последната недела од октомври.
Поместувањето на времето во повеќето случаи се врши ноќта меѓу сабота и недела, со цел да не предизвика поголеми проблеми за работното население.
Некои астрономи се против поместувањето и вештачкото продолжување на денот, бидејќи сметаат дека „природата не треба да се измачува“, дури и доколку како оправдување се користат економските причини.