„Скопје смог аларм“ бара 1% од БДП за заштита на животната средина

Сподели

Граѓанската заедница на еко-активисти „Скопје смог аларм“ бара од Владата итно да оформи посебен фонд за заштита на животната средина и да одвои околу 1 процент од проектираниот БДП за 2018 година.

„Поради катастрофалната еколошка состојба во Македонија, сметаме дека Владата треба да одвои околу 1 отсто од БДП во посебен фонд за заштита на животната средина. Го повикуваме Министерството за животна средина итно да подготви акциски план и соодветни проекти за бараните средства. Како илустрација за лошо приоритизирање на јавните политики, во изминативе 10 години потрошени се речиси 700 милиони евра за проектот „Скопје 2014“, додека годишниот буџет на Министерството за животна средина и просторно планирање варира помеѓу пет и десет милиони евра“, велат од граѓанската заедница на еко-активисти.
Од „Скопје смог аларм“ напоменуваат дека според Светската банка, како последица на аерозагадувањето, македонската економија трпи годишни загуби од 253 милиони евра или 3,2 отсто од БДП, што значи дека реалниот пораст на економијата изминативе години е нула отсто.

Граѓанската инцијатива барањето го испратила до Владата, Министерството за животна средина, Делегацијата на ЕУ во Скопје, Канцеларијата на Обединетите нации во Македонија како и до амбасадите на САД, Германија, Велика Британија и на Холандија.