Затворени истрагите за „десороизација“, откако не откриле никаков криминал кај невладините

Сподели

 

Владата ги затвори истрагите против невладините организации, што беа отворени на крајот од минатата година по најавата на поранешниот премиерот Никола Груевски дека ќе почне процес на „десоросоизација на општеството“, пренесе Судство.мк.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој денеска беше во посета на СВР Скопје, кажа дека истрагите на неколку државни органи не откриле ништо незаконско кај невладините.
Под истрага беа 21 невладина организација.

„По извршените анализи и консултации со Обвинителството за организиран криминал и корупција, МВР, односно Бирото за јавна безбедност, заедно со Управата за финансиска полиција, ги затворивме овие истраги, бидејќи навистина не постојат никакви докази што ќе ја потврдат основаноста на сомненијата дека нешто е направено. Има поднесено една кривична пријава во СВР Струмица, која се однесува на незначителна сума прикривање на персонален данок, меѓутоа никаква друга организирана нелегална дејност од невладините организации во Македонија и затоа е затворена оваа истрага“, рече Спасовски.

ВМРО-ДПМНЕ повика на прогон на граѓанските организации, веднаш по говорот на партискиот лидер Никола Груевски на 17 декември 2016 пред ДИК.