ЦИВИЛ – Центар за слобода и граѓанските новинарки и новинари од целата земја се борат против апатијата и продолжува со серијата настани посветени на граѓанското новинарство. Овојпат, ЦИВИЛ ги повикува сите заинтересирани да се пријават за учество на обука за граѓански новинарки и новинари која ќе се одржи в сабота, на 11 јуни, хотел Сити Парк, со почеток во 10:30 часот. На крајот од програмата, во 18 часот, ќе се одржи церемонија за доделување награди за граѓански новинарки и новинари, отворена за јавноста. Во модерен амбиент, со едукативна, но и извонредно забавна 8-часовна програма, ЦИВИЛ нуди бесплатна можност кандидатите да се стекнат со теоретски и практични знаења за граѓанското новинарство, видео активизмот и низа други интересни области.
Тие што ќе се пријават на обуката, ќе добијат можност да учествуваат со своите прилози и на наградниот конкурс за најдобри прилози на граѓански новинарки и новинари.
Обуката се одржува со цел граѓан(к)ите да известуваат за кршење на човековите права и слободи, изборните манипулации, злоупотребата на службена должност и јавните ресурси, партизацијата на државата, дискриминацијата, насилството, како и за борбата на слободољубивите граѓанки и граѓани за слобода, правда и демократија. Многумина, кои се директни учесници во настаните во нашата земја, со своите прилози можат да дадат значаен придонес со тоа што ќе ги документираат случувањата и ќе информираат за нив во истиот момент, преку социјалните мрежи, независните медиуми или преку проектот Граѓански објектив на ЦИВИЛ. Со ова, граѓанските новинарки и новинари придонесуваат кон разбивањето на медиумскиот мрак во кој се наоѓа земјата веќе со години.
Сите заинтересирани граѓанки и граѓани кои сакаат да го проверат својот талент за новинарство и да дадат придонес, можат да се пријават до 9 јуни, на civil.macedonia@gmail.com, едноставно, со мотивациско писмо до 420 знаци (колку три твита), точно име и презиме, телефонски број и линк до Фејсбук профилотна кандидат(к)ите. Бројот на учесници е ограничен.
Со почеток во 18:00 часот, ќе се доделат наградите на ЦИВИЛ за граѓански новинарки и новинари во четвртиот награден циклус. Една од наградите ќе биде резервирана за видео, фото или аудио материјал од учесниците на обуката, од нивните двочасовни теренски активности. Прилозите од обуката на тој ден, доколку ги исполнуваат критериумите, ќе влезат во конкуренција за награда во наредниот награден циклус.
Сите граѓан(к)и имаат можност да учествуваат во проектот Граѓански објектив, на кој ЦИВИЛ доделува награди за најдобрите видео и фото материјали, или вести. Наградите се пет вредносни ваучери, а првата награда е во противредност на 110 долари.
Снимките, фотографиите и текстовите не мора да бидат високопрофесионални, бидејќи пресуден критериум е информацијата.
Прилозите може да се однесуваат на различни видови злоупотреба на позицијата, закани, дискриминација, поткуп, злоупотреба на јавните ресурси и други нерегуларности. Задолжително е материјалите кои ќе ги испраќате да бидат придружени со контакт на авторот, опис на времето, местото, текот на настанот и учесниците во самиот настан. Авторите и лицата кои се вклучени во прилозите може да останат анонимни, во зависност од договорот со нив.
За пристап до ФОРМУЛАР ЗА УЧЕСТВО кликнете ТУКА. Прилозите може да се испраќаат и на civil.macedonia@gmail.com, а доколку материјалот е преобемен, треба да се користат онлајн сервисите за трансфер, како WeTransfer.
Проектот Граѓански објектив е поддржан од National Endowment for Democracy
http://civil.org.mk/2016/06/04/zivil-i-graanskit-novinari-vo-borba-protiv-apatiata/?lang=mk