Љубомир Јовески денеска во Собранието на Република Македонија треба да биде именуван за нов државен јавен обвинител.
Шеесет и тригодишниот Јовески во своето досегашно работење постапувал во кривичната област. Повеќе од 15 години работел како судија по кривични предмети, а во еден мандат раководел со Основниот суд Скопје 2, а има и работно искуство од над 12 години како јавен обвинител и седум години во облата на извршување на кривичните санкции.
Досега оваа функција ја извршуваше Лилјана Спасевска, откако Марко Зврлевски беше разрешен на 17 август годинава.
На дневен ред на денешната седница се измените на Законот за заштита на сведоци, што ги бараше Специјалното јавно обвинителство, со кои на ова обвинителство треба да му се овозможи да одлучува кој ќе биде заштитен сведок во постапките што се под негова надлежност.
На седницата ќе се расправа и за измените на Законот за Судскиот совет, за престанок на важењето на Законот за Советот за утврдување факти и поведување постапка за утврдување одговорност за судија, за измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, за здравственото осигурување, за Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и за измените на Законот за акцизите, сите по скратена постапка.