Судењето за предметот на СЈО „Насилство во Центар“ ќе продолжи на 18. декември, соопшти судијката Татјана Михајлова по денешното рочиште на кое сведочеше поранешниот градоначланик на оптина Центар Андреј Жерновски.
Жерновски рече дека протестите пред општината на 13. јуни 2013 година, кај него предизвикале чувство на страв и несигурност и дека биле спречени да излезат од бараките.
– “Загрозени беа нашите животи. Беше очигледно дека постои комуникација меѓу советниците на ВМРО-ДПМНЕ, МВР и граѓаните што протестираа”, рече Жерновски и додаде дека советничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова го повикала да излезе надвор и да се соочи со насобраните граѓани.
Жерновски пред судот рече дека кај него во канцеларија дошле амбасадори на земји членки на ЕУ и претставници на ОБСЕ кои, како што додаде, по свои канали повикаа да престанат протестите.
– “Убеден сум дека без нивното присуство инцидентите ќе продолжеа”, рече Жерновски.
Денешното судско рочиште за случајот „Насилство во Центар“ во Кривичниот суд се снимаше со камера.
Судијката на почетокот на рочиштето изјави дека судењето се снима со рачна камера, но смао визуелно, а не и тонски.
На рочиштето, покрај обвинетиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, присуствуваа и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова.
На претходните рочишта, како што објави МИА, вина за настаните пред општина Центар во јуни 2013, признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски.
Во овој предмет обвинети се уште 12 лица. Тие се обвинети од СЈО за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.
Апелацискиот суд ја прифати жалбата на СЈО и одлучи дека во доказната постапка може да се користат снимките од прислушуваните разговори.