Премиерот Зоран Заев утре вечер во Брисел, заедно со премиерите на земјите од Западен Балкан ќе има неформален состанок со високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини.
Во фокусот на третиот состанок, кој се одржува на иницијатива на Могерини, ќе се најдат актуелните случувања во регионот, како и европерспективите на земјите од Западен Балкан во 2018 година.
Се очекува на состанокот да стане збор и за Стратегијата за Западен Балкан која Европската комисија ќе ја објави во февруари, а во која ќе бидат дадени оценки и насоки за евроинтеграциите на земјите од регионот.
„Европската Унија е посветена на засилување на ангажманот кон земјите од регионот со цел да обезбеди шесте држави од Западен Балкан да ги преземат потребните чекори за нивното напредување кон Унијата да стане неповратно“, се наведува во соопштението од ЕУ.