Одлуката на Трамп за Ерусалим на разгледување во ОН

Сподели

Советот за безбедност на ОН ја разгледува нацрт-резолуцијата, со која се инсистира секоја одлука за статусот на Ерусалим да нема правно дејство и да мора да се поништи, јави Ројтерс.

Во нацрт-резолуцијата, што ја изработи Египет и е напишан на една страна, не се споменуваат ниту САД ниту американски претседател Доналд Трамп, кој неодамна го призна Ерусалим како главен град на Израел, соопшти Ројтерс кој имал пристап до документот.

Во нацрт-резолуцијата на ОН се „потврдува дека сите одлуки и активности, чија цел е да се промени карактерот, статус или демографскиот состав на светиот град Ерусалим, немаат правно дејство, се ништовни и неважечки и мораат да се поништат во согласност со релевантните резолуции на Советот за безбедност“.

Во нацртот, исто така, се повикуваат сите земји да се воздржат од формирање дипломатски мисии во светиот град Ерусалим, во согласност со резолуцијата 478 на Советот за безбедност.

Во нацртот се бара сите земји да постапуваат во склад со резолуциите на Советот за безбедност на ОН во врска со Ерусалим и да не признаваат какви било дејства или мерки кои се спротивни на тие резолуции.
Британската агенција вели дека дипломатите тврдат дека нацртот има поширока поддршка, но дека Вашингтон најверојатно ќе стави вето на текстот.

Дипломатите додадоа дека Советот за безбедност на ОН би требало да гласа за нацрт-резолуцијата на почетокот од наредната недела.

За усвојување на резолуцијата потребни се девет гласа за и без вето од некоја од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН односно САД, Франција, Велика Британија, Русија и Кина.