Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев оствари средба со премиерот на Република Грција Алексис Ципрас во Давос, Швајцарија, каде што двајцата шефови на влади учествуваат на годинешниот Светски Eкономски Форум.
На средбата која поминала во пријателска и конструктивна атмосфера, двајцата премиери разговараа за опциите за решавање на спорот што Република Грција го има со уставното име на Република Македонија.
Двајцата претседатели на владите на двете земји по средбата имаа заедничка изјава за медиумите, во која што премиерот Заев истакна дека „Ние сме силно посветени на имплементацијата на мерките за градење доверба со нашиот сосед, со цел да допринесеме за надминување на отвореното прашање во интерес на граѓаните на двете земји.“
– Свесни сме дека целиот регион и двете земји се на вистинскиот пат да остварат добрососедски односи што ќе ги поддржат нашите евроатлантски перспективи и ќе придонесат кон стабилноста и економскиот просперитет на балканскиот регион. Мнозинството од граѓаните во двете земји сакаат да имаат блиски и пријателски односи кои придонесуваат кон зајакнување на меѓусебната соработка. Сакаме да бидеме еднакви партнери во ЕУ и лојални сојузници во НАТО. Сакаме да застанеме рамо до рамо за да си помагаме и да се поддржуваме едни со други во тешки и предизвикувачки времиња – нагласи во изјавата за медиуми премиерот Заев.
Премиерот на Република Грција Алексис Ципрас, изрази благодарност за овозможувањето на денешната средба и истакна дека дека двајцата лидери имаат можност да изнајдат решение за проблемот што ги подели двата народа, и дека освен решавањето на спорот околу името, двете земји имаат заеднички интерес да ги воспостават билатералните односи на цврсти темели.
Премиерот Ципрас истакна дека Република Грција има одговорност да им помогне да земјите од Западен Балкан да ги зајакнат своите капацитети во пресрет на нивната интеграција во Европската Унија, и дека оваа средба е еден од важните чекори во таа насока.
Грчкиот премиер соопшти, како знак на добра волја и како резултат на иницијативите што доаѓаат од активностите на владата на Зоран Заев, и Република Грција ќе ги откочи процесите кои се однесуваат на можностите за напредок на нашата земја во евроинтеграциите како што е ратификацијата на втората фаза на Спогодбата за асоцијација и стаблизација во Парламентот на Република Грција, отворањето на можноста за нашето членство во Јадранско-Јонската иницијатива за соработка, како и отворањето на граничниот премин во Преспа како исклучително важни за овој регион.
Премиерот Зоран Заев укажа на фактот дека во минатото, кога двете земји имаа сериозни предизвици, покажаа дека можат да работат заедно за меѓусебен интерес.
22- Ние како премиери, имаме политичка визија, волја и одговорност да работиме за надминување на долгогодишниот билатерален спор. Тој веќе трае 25 години. Редно време е да се изнајде решение затоа што тоа е клучно за нашите ЕУ и НАТО перспективи. Конечното решение треба да биде прифатливо за двете страни. Мораме да водиме грижа за нашите интереси и за нивните интереси. Решението мора да биде во насока на заштита на националниот дигнитет и идентитет на нашите народи – нагласи премиерот Заев, и додаде:
– Со цел конкретно да покажеме дека сме посветени во процесот на изнаоѓање решение, најавувам дека нашата Влада ќе го промени името на аеродромот и автопатот. Автопатот ќе се вика „Пријателство “.
Премиерот Заев во продолжение на својата изјава за медиумите нагласи:
– Нашите активности ја покажуваат нашата добра волја. Ова сведочи за фактот дека немаме никакви територијални аспирации кон нашиот сосед – истакна премиерот Заев и додаде дека во знак на добра волја Република Грција ќе ни дозволи да ја зголемиме нашата соработка со Европската Унија и со други меѓународни организации.
Двајцата премиери заеднички истакнаа дека двете страни остануваат посветени на преговарачкиот процес, за чија имплементација е назначен медијаторот Метју Нимиц од страна на Обединетите Нации, и дека во наредната фаза нивото на преговарачи ќе биде кренато на ниво на министрите за надворешни работи, што ќе овозможи повеќе динамика и суштина во процесот на преговори.