Здружението ЕДНА МОЖЕ! е непартиска, невладина, граѓанска „грас рут“ организација која работи согласно Статут, Мисија, Визија и Стратешки цели, а одлуките се донесуваат по пат на партиципативна демократија, координативни состаноци и Собранија, со Извршен и Надзорен одбор, регулирани според Закон за Граѓански Организации. Сите членки/нови се обединети според заедничко верување дека неопходно е унапредување на правата на еднородителските семејства и самохраните родители.
Оттука најостро ги осудуваме и демантираме неодамнешните неосновани, неточни и злонамерни, неаргументирани коментари во врска со работата на ЕДНА МОЖЕ! кои се појавија во самопрогласен и петпарачки портал и ФБ група, (кои се во сопственост на една иста личност). Ваквите непрофесионални, нечесни и малициозни, лажни обвинувања и клеветења имаат единствена цел дискредитација и нарушување на угледот на единствената организација која работи во полето на самохраното родителство и еднородителските семејства. Сите наведени обвинувања, доаѓаат од личности кои не зеле учество на ниту еден координативен состанок, на ниту едно Собрание и никогаш не стапнале во „Концепт центар Една може!/Една прави“ за состанок или средба за координација. За ова постојат извештаи и листи на присутни.
Одлуката за вклучување на членарина, е одлука донесена на II годишно Собрание, едногласно изгласана од сите присутни. Воедно се консултирани експертки-психоаналитичарки, искусни експертки во работење со женски јадра и е според Закон легитимна како алатка за самоодржливост на граѓанска организација. Сите собрани сретства се на увид на Извршен и Надзорен одбор и стратешки се наменети за: кирија, сметки за струја, вода, ненамерни штети кои настануваат во канцеларијата, даночни обврски на организацијата, сметководство и канцелариски материјали, патни трошоци единствено за службени цели. Според новодонесенава одлука, подготвуваме извештај кој транспарентно ќе биде пласиран во јавност. Цената на членарината е 600 денари годишно, на дневно ниво 1,6 денари, и истата може да се подмири во било кој ден од годината, на рати или кога станува збор за членка без месечни примања, нудиме можност нејзината членарина да ја подмири поддржувачка на организацијата.
До сега организацијата не зела никаков грант, а сите сретства за функционирање се обезбедени од самите основачки на организацијата и никогаш до денешен ден, 15.02.2018, ниту еден хонорар не е префрлен на ниту една од ангажираните активистки, основачки, волонтерки и експерти или членки на одборите, кои секојдневно работат на зададената проблематика од 2015 година.
Напоменуваме дека не сме хуманитарна организација, не сме Државна институција и погрешни се видувањата и елементарните непознавања од улогата на граѓански организации во општеството. Граѓанска организација не постои за да дели пакети со основни потреби на граѓанките. Граѓанска организација постои за да нуди експертиза во однос на прашањата на кои работи, во нашиот случај за еднородителски семејни конструкти и женски права.
Во ЕДНА МОЖЕ! имаме три гранки на кои посветено работиме:
1.Застапување и лобирање за законски, системски измени кои се однесуваат на еднородителски семејства и самохрани родители,
2. Сензибилизирање на јавност во однос на еднородителските семејства и самохраните родители и
3. Зајакнување на самите самохрани родители и деца од еднородителски семејства преку обуки, доедукации, тренинзи, семинари, работилници и преку првото иновативно, социјално претпријатие за производство и продажба на ексклузивна органска и жива козметика „Една прави“. „Една прави“ е основана со обврзување да дава дел од профитот кон граѓанската организација ЕДНА МОЖЕ!и да им нуди можност за економско јакнење на самохраните родители или повозрасните деца од овие семејства, да ја зголеми вработливоста, но и да наметне специфични работнички права, согласно потребите и можностите на оваа сензитивна група.
Во изминатите три години функционирање, под притисок на сите неможности на нашето членство, а и знаејќи ја системската неуреденост за нашата целна група, направивме безброј акции за директна и акутна помош кон индивидуални семејства и сведочевме за радоста на истите. Сепак, на крајот од минатата година донесовме одлука дека хуманитарни акции ќе има организирано и само два пати во годината: во август, пред да тргнат дечињата на училиште и во декември, пред празниците, да обезбедиме потребни работи. Оваа одлука е донесена со цел да можеме посветено да се фокусираме на групните права за кои се бориме и кои ќе донесат бенефит во секое еднородителско семејство, за прв пат во постоење на самостојна Република Македонија.
ЕДНА МОЖЕ!, според нанесената штета упатува барање за јавно извинување од сите кои озлогласуваат невистини и лаги и јавно повлекување на сите обвиненија. Извинувањето треба да биде во истиот формат и на истите медиуми каде се објавени и клеветите и навредите(а истите можете да ги видите со име и презиме токму на популистичката, неписмена сторија каде обвинуваат без факти).
Согласно одредбите на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, најљубезно ги замолуваме да постапат по барањето во рок од 48 часа, за да ја ублажите штетата кој е предизвикана. Во спротивно ќе бидеме приморани да поведеме судска постапка против Вас.
Јасни се намерите за мултиплицирано виктимизирање на членките/овите на овој семеен конструкт, а токму дискриминацијата доаѓа од друштвената заедница и вака се пресликува и на Организацијата. За овој вид на дискриминација зборуваме од самото обединување, повеќе може да видите во анализата „Самохрани мајки – жртви на мултислојно насилство“, изработена во 2016 година, на горенаведените реакции се пластичен пример за овој вид на насилство. Токму вакви, нискоедуцирани, несензибилни и неемпатични категории на граѓанки/ни, се први кои сметаат дека улогата нивна е надредена па самохраните родители треба да веднат глава.
Согласно она против кое се бориме: дискриминација, стигматизација, табуизирање, виктимизирање, вкалапено размислување и угнетување, очекувани се вакви реакции токму од оние на кои не им одговара ослободувањето кое го постигнуваме. Оската на моќ е нарушена, и самите овие бранувања го докажуваат истото. Самохраните мајки од ЕДНА МОЖЕ! докажуваат способност за живот, функционирање, преобмислување на минатовековната улога на жената, посебно на самохраната мајка, и отпорот е неизбежен, како составен дел на процесот на ослободување. Секако, ЕДНА МОЖЕ! нема да молчи и продолжува да ослободува и гласно да се бори за правда и да пишува историја.
Според сево ова заклучуваме дека на ова општество му е неопходна родова едукација и јакнење, па затоа ги покануваме сите жени, кои немале можност низ образовниот систем или алтернативната едукација да се едуцираат, да бидат дел од овогодинешните, бесплатни интердисциплинарни работилници за родова и културолошка еманципација за жени и девојки, во „Концепт центар Една може!/Една прави“. (Јавен повик за овие работилници очекувајте до крајот на фебруари).
За сите наши активности редовно известуваме на нашата ФБ страница и на неодамна отворената веб страница, која сеуште ја апгрејдуваме. Ги покануваме сите оние кои сакаат да се запознаат со активностите на ЕДНА МОЖЕ! да нѐ посетат во нашите канцеларии.
Благодариме за поддршката во борбата против дискриминацијата и унапредување на правата на самохраните родители и еднородителските семејства.
За Една да може, секоја Една од нас е потребна!
Од тимот на ЕДНА МОЖЕ!