Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и ЗНМ денеска на пладне ќе организираат протест пред Владата од која ќе побараат да покаже дека се залага за функционирање на секој сегмент на правната држава, особено кога во прашање е слободата на говор и физичкиот интегритет на новинарите.
Повод за протестот се заканите упатени кон претседателот на Здружението на новинари, Насер Селмани, од страна на висок партиски функционер на коалициониот партнер во владата, ДУИ, Бекир Асани.
„Контроверзниот Асани ужива углед на недопирливост и неказнивост, а неговите последни навреди и закани упатени кон Селмани имаат цел да ги заплашат сите новинари. Ова не е само протест за поддршка на колегата Селмани кој е изложен на сериозни закани и притисок, туку и порака до сите граѓаните кои се загрижени за окрепнувањето и чувањето на темелните вредности на правната држава како слободата на говор и владеењето на правото“, велат од ССНМ.