По одложувањето на расправата за случајот „Титаник“ во Кривичниот суд, поранешниот премиер Никола Груевски рече дека „интензивниот распоред на судења за случаите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) е одраз на силен притисок, за да се дефокусира јавноста од актуелните теми во државата како што е спорот за името.“
– Како што можевте и денеска да видите, денеска се чувствуваше притисокот којшто го имаат судиите по секоја цена, со кршење на правата на обвинетите да ги тераат случаите и да ги завршат што е можно побрзо. Имено, што се однесува до мене, ми беше кажано дека имам само еден ден, и тоа не цел, три часа во тој ден, да прочитам десетици илјади страници што ги испратило СЈО. На тоа судијата немаше одговор и кажа дека тоа е неговата одлука без да даде аргумент, бидејќи очигледно тој е под жесток притисок. Под притисок во овој период да се зборува за ова, наместо за клучните теми. На иста линија е и трендот на обвинување за се и сешто кон мене. Сега е модерно, во тренд е за сè да бидам јас обвинет. Дневно по 2-3 работи смислуваат за да се зборува за тоа, а да не се зборува за реалните проблеми и реалните апсурни од страна на владата со кои се соочува државата – истакна Груевски.
Прашан дали, телефонски дал налог за настаните во Собранието на 27 април, Груевски негираше дека од Виена тој или неговиот телохранител дале налог да почне упадот во Собранието.
– Да имаше „д“ од доказ против мене, јас одамна немаше да бидам тука. Што не значи дека тие што ги уапсија се виновни. И тие не се виновни и го понесоа товарот на тој случај. Што се однесува до обвинување на членот на моето обезбедување, јас разговарав со него и тој ми рече дека како и секој, разговарал само кратко со сопругата и со неговиот брат, исто така семејни разговори и тоа е се. И во обвинението немаше дека мој телохранител нарачал инцидент. Да имаа докази, работите немаше да бидат вакви. Јас ги повикувам, ако имаат некакви докази против мене, веднаш нека ги објават. И јас не сум дал таков налог – одговори Груевски на новинарско прашање.
Груевски порача дека, очигледно некој сака јавноста да се занимава со него, за да се одвлече вниманието од јавните прашања, а како доказ за тоа, наведе дека постои тенденција него да го вмешаат во се и сешто.