“Русија е подготвена и понатаму на српските партнери да им дава поддршка во одбраната на легитимните национални интереси во однос на Косово, пред сè во меѓународните структури”, му напишал шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на својот српски колега Ивица Дачиќ, пренесува Мета.
Во врска со акцијата на РОСУ на косовската полиција во Косовска Митровица и апсењето на директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, Лавров го известува Белград дека се испратени „соодветни инструкции на постојаните претставници на Русија во ОН во Њујорк, како и во ЕУ и во НАТО во Брисел и во ОБСЕ во Виена“.
Писмото на Лавров е одговор на писмото што српскиот министер за надворешни работи Дачиќ го испрати до сите членки на ОН. Шефот на руската дипломатија во својот одговор му порачува на српскито колега „дека во целост ги споделува изнесените оценки“.