Нови премиери на театарскиот репертоар

Сподели

Четири премиери и многу претстави од редовниот репертоар е понудата на театарските куќи во главниот град во месец април.

Во Македонскиот народен театар синоќа се играше мјузиклот „Мама миа“, во режија на Наташа Поплавска. На 16 и 30 април пред публиката ќе се прикаже една од најгледаните претстави во МНТ, „Не се клади на Енглези“ во режија на Синиша Ефтимов. На 21 април, МНТ ќе ја има премиерата на претставата „Дух“ од Дејан Дуковски, во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, која репризно ќе биде прикажана и на 24 април .

На малата сцена на МНТ, на репертоарот се претставите „Силјан штркот шанца“, во режија на Срѓан Јанаќиевиќ (12 и 28 април), „Брачна игра“ (13 и 30 април), „Госпоѓиците од Авињон“ (16 април), „Тероризам“ (17 и 26 април), „Кец на десетка“ (18 април), „Разговор во четири очи“ (23 април), „Говорна мана“ (25 април) и „Квартет“ (27 април).

Репертоарот на Драмскиот театар во април започна со монодрамата „Жена со кеса на главата“ која на 2 април беше изведена на малата сцена. Следуваат претставите: „Лет на кукавичкото гнездо“ (26 април). „Како да се ограби банка“ се игра три пати, на 4, 10 и на 24 април, „Секс, дрога и рокенрол“ се играше на петти април, а на репертоар е и вечерва.„Чолак“, публиката го гледаше синоќа во Драмски, а  „Солунски патрдии“ се на 17 април. „2012-Последните Македонци“ на репертоар се на 27 април. На 14 април, во Драмскиот театар е предвидено гостување на претставата „Тоалет за дами“, во изведба на Театарот од Велес.

dramski

На 20 април е закажана втората премиера на Драмскиот театар за оваа година, претставата “Партија реми“ од Доналд Ли Кобурн, во режија на Виолета Џолева. Улогите ги толкуваат: Ѓокица Лукаревски и Маја Вељковиќ – Пановска. Претставата која има претпремиерна изведба на 19 април, репризно ќе биде прикажана и на 25 април.

Ансамблот на Театарот Комедија во април ќе ги одигра хитовските претстави „Чао пријатно“ (29 април), „Вардарски пастуви“ (17 април), „Жена ми се вика Борис“ (20 април), „Првин ќе ме земеш, после ќе ме…“ (4 и 26 април), „Стујардеси“ (5 и 25 април).  „Име“ се играше прексиноќа, а, „Нешто пропуштаме“ на репертоар беше синоќа. Вечерва ќе се игра  „Не сега драга“ која на програма е и на 30 април. Во Комедија следи „Дони Дарк“ (14 и 27 април), „Бракот е брак“ (18 април), а на 21 април претставата „Жена ми се вика Борис“ ќе гостува во Охрид. Претставата „Сон на летната ноќ“ на репертоарот на Театарот Комедија е на 24 април,  а претставата „Мечка“ на 28 април.

komedija

Во изведба на ансамблот на Театарот за деца и младинци, најмладите и овој месец ќе можат да уживаат во  повеќе атрактивни, но и едукативни претстави. ТДМ, веќе ја имаше премиерата на „Тоби“, која репризно ќе се игра и на 5 и 20 април.
На 11 и 18 април се игра претставата „Еднаш свет изградив“, вечерва на репертоар е „Бајка за царот нај“, а следат„Грдото Пајче“ (14 април), „Пипи долгиот чорап“ (15 и 27 април), „Пепелашка“  (19 април), „Мачорот в чизми“ (20 април), „Малата сирена“ (21 април), „Убавицата и ѕверот“ (22 април), „Цветната улица“ (26 април), „Гига мега бајка“ (28 април), како и „Волшебникот од Оз“ (29 април).
На сцената во Театарот Комедија, на репертоарот  на Турскиот театар на 7 април се играше „Отело“, во режија на Дејан Пројковски, додека пак на 19 април е предвидена изведбата на претставата „Кралот Лир“, во режија на Диего де Бреа. На 21 април актерите на Турскиот театар ќе ја изведат претставата „Среќна нова година“, во режија на Бојан Трифуновски, а на 26 април на репертоарот на малата театарска сцена е претставата  „Халифот штрк“.

turski

Во Детскиот театарски центар, Албанскиот театар на 10 април ја изведе комедијата “Претстава која оди наопаку”, а на 16 април на сцената на Театарот Комедија – претставата „Жените”, со која, пак, овој ансамбл, на 18 април ќе гостува во Куманово. На 26 април, на големата сцена во Македонскиот народен театар ќе се изведе премиерата на претставата „Планинските џинови“ на Луиџи Пирандело, во режија на Паоло Маџели. Станува збор за регионален проект поддржан од програмата Креативна Европа, во кој Албанскиот театар како претставник од нашата земја, претставата ја реализираше во копродукција со други четири театри од регионот и тоа од Хрватска, Словенија, Србија и Романија.

planinski_dzinovi

Претставата „Планинските џинови“ во МНТ репризно ќе биде прикажана и на 27 и 28 април. Овој значаен копродукциски проект, во кој играат нашите актери Џевдет Јашари и Фисник Зеќири, премиерата ја имаше на 2 март во Риека, Хрватска. Претставата се игра на италјански, албански, словенски, унгарски и германски, а ќе биде титулувана на албански и на македонски јазик.