Откако Слаѓана Тасева на својот фб профил објави за односот на Анѓушев кон неа со закана, во која таа наведе:
“Анѓушев се закани: ќе одам до крај, ќе те тужам, знаеш ли кој сум јас, јас сум најмладиот доктор на науки! Сето тоа со агресија, ароганција, и со неговиот бодигард до него, на приемот на Британскиот амбасадор.
Јас такво закана и агресивност не сум доживеала ниту во Авганистан каде некои од луѓето во власта се воени лордови. Тие што синока стоеја до мене останаа шокирани! Ова ли е владата за која одевме по улиците
Очигледно случајот Фени и мониторингот над стечајот што е во тек, вознемири многумина, а најмногу именуваниот. Постојано бара да гледаме што било пред тоа, односно кој крадел порано, а не што се прави сега.
Господа, криминалот и работењето пред стечајот нека го истражат и докажат институциите. Ние правиме мониторинг на тоа како се води стечајот денеска. А таму има проблем, стечајот НЕ се води добро.
И затоа има паника.”
Кабинетот на заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, во однос на објавите во медиумите, поврзани со комбинатот Фени Индустри, чувствува потреба да ја информира јавноста со цел да се добие реална слика за моменталната состојба во комбинатот.
Оттаму велат дека имаат информација дека стечајната постапка во врска со оваа компанија е во завршна фаза, а резултат на досегашната постапка е дека над 700 работници редовно одат на работа и добиваат плата.
„Станува збор за постапка, во согласност со Законот за стечај која што ја водат надлежните органи. Владата, во овој случај внимателно ги следи состојбите, во согласност со своите законски ингеренции, поради тоa што Фени Индустри, како еден од најголемите работодавачи во регионот и еден од најголемите метало преработувачки капацитети во државата е од особена важност за локалниот, како и за целокупниот економски развој на Република Македонија“, стои во соопшението.
„Вицепремирот Анѓушев немаше намера и нема да води негативна комункација. Напротив, вицепремиерот ја искажува подготвеноста да ги презентира аргументите и фактите, со кои располага Владата и кои се во нејзина надлежност, за начинот на кој се овозможи Фени повторно да работи успешно и поради тоа ја повикува г-ѓа Тасева на работен состанок и аргументирана дискусија“.
Од Кабинетот додаваат дека вицепремиерот Анѓушев, водејќи се од јавниот интерес во повеќе наврати повика на темелна истрага од страна на невладините организација што работат токму на овие теми.
„Особено е важно јавноста да биде информирана и за причините поради кои Фени е доведен во стечај, заради кој се доведе во прашање егзистенцијата на компанијата и на над 700 семејства. Во рамките на своите законски ингеренции и овластувања соодветните државни органи веќе поведоа постапки кон одговорните за оваа ситуација, а помошта на невладините организации е повеќе од добредојдена“ стои во соопштението.
Во име на транспарентноста, од Кабинетот на вицепремиетот укажуваат дека е потребно да се слушнат сите страни и да се провери веродостојноста на сите информации пред да се споделат во јавноста.
„Ги замолуваме сите страни вклучени во процесот, вклучително и Транспаренси Интернешнл Македонија, како сериозна и реномирана невладина организација пред да дава јавни квалификации, да ги земе во предвид сите страни во процесот и да ја согледа целосната ситуација.Јавноста, вработените, менаџерите, транспортерите и другите заинтересирани страни се сведок дека компанијата Фени работи успешно, придонесува во македонската економија и овозможува над 700 семејства да живеат“ се вели во соопштението од Кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓушев.