Во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје утре ќе се одржи конференцијата „Слободата и интернетот во Македонија“ во организација на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ која е дел од одбележувањето на 25-годишнината од постоењето на Фондацијата Отворено општество Македонија(ФООМ) – #ФООМ25.
На конференцијата ќе се дискутира за лажните вести, развојот на интернетот во земјата, како и за предизвиците со кои се соочува онлајн медиумската заедница, за нивните искуства и потреби.
На темата „Слободен тек на информации – предуслов за отворено општество“ ќе говорат Бардил Јашари, извршен директор на „Метаморфозис“ и Санта Аргирова, член на Управниот одбор на ФООМ.
На првата панел-дискусија „Клучни моменти на развојот на интернет во .мк“ меѓу другите, ќе учествуваат и Игор Трајковски, основач и сопственик на „Time.mk“ и Предраг Чемерикиќ, основач на „On.net“.
За „Улогата на онлајн-медиумите во борбата за слободата на говорот“, ќе говорат Бранко Героски, раководител на „Плусинфо“, Елида Зулбеари, уредничка на „Порталб“, Зоран Андоновски, уредник на „Мета“ и Никола Гелевски, уредник на „Окно“.
На конференцијата на темата „Плагијаторството и лажните вести – закана за професионалното новинарство“ ќе зборуваат Емир Зулехиќ, уредник на „Raskrinkavanje.ba“ од Сараево, Томислав Георгиев, фоторепортер, Наталија Миленковска, aдвокат, и Ѕвездан Георгиевски од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).