Рочиште за екстрадиција на Грујевски и Бошковски во грчкиот Врховен суд

Сподели

 

Во Врховниот суд во Атина во 9.30 часот по локално време започна рочиштето на кое ќе се соопшти одлуката за екстрадиција на Горан Грујевски и Никола Бошковски.

На дневен ред се над 20 случаи, а како што јави дописничката на МИА од Атина, конкретниот случај со екстрадицијата е последен.

Откако солунскиот суд на 5 јануари годинава даде зелено светло за екстрадиција, Врховниот суд во Атина веќе одржа четири рочишта, а последното со сослушување беше зад затворени врати на 27 април.

 За Грујевски и Бошковски во Грција, како што веќе објави МИА, се водат три различни и меѓусебно неповрзани процеси.

Во овој момент, приоритет има Врховниот суд, односно соопштувањето на одлуката, а дури потоа ќе се одредат датумите за другите два процеси, тоа за фалсификуваните патни исправи и барањето за азил.

Горан Грујевски и Никола Бошковски од 13 февруари по нивното пренесување од Солун во Атина, се наоѓаат во атинскиот затвор „Коридалос“.

Сите четири рочиште во Врховниот суд во Атина поминаа без никаков интерес од медиумите во Грција, а единствен новинар во судницата беше дописничката на МИА од Атина, нешто што беше и еден од аргументите на адвокатите на Грујевски и Бошковски да побараат рочиштето да биде зад затворени врати.