Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија ја информира јавноста дека класифицирани документи, добиени од кој и да е орган, не можат да поседуваат лица без безбедносен сертификат, да бидат разгледувани на јавна седница и пред лица кои немаат таков сертификат.
Претседателот на Комисијата за надворешна политика повеќе од 1 година нема безбедносен сертификат, иако од стручните служби во Собранието му било укажувано дека е истечена важноста на претходниот. Според ова, пратеникот и претседател на Комисијата, согласно Законот за класифицирани информации, кој е без неопходниот безбедносен сертификат, не можел да бара, поседува и да изнесува јавно документи кои имале назнака „строго доверливо“.
Антониjо Милошоски до Кабинетот на претседателот на РМ доставил барање за добивање материјали од лидерските средби одржани во јануари и во мај годинава, и на недозволив и заобиколен пат, лично, не преку архива, ги добива материјалите од Кабинетот на претседателот Иванов, нешто што не е според законот.
Материјалот е отворен, и по неколку дена од други лица во Собранието е донесен во Архива за да се процесуира. Со ова овој материјал станува сопственост на Собранието. Укажуваме дека претседателот на Собранието, Талат Џафери, постапил согласно член 52 од Деловникот за работа на Собранието, во кој е наведено дека пратеникот е должен да ја чува државната, службената, воената и деловната тајна. Како тајна се сметаат сите материјали што му се упатуваат на Собранието и на работните тела, а кои како такви се означени од предлагачот на материјалот. Начинот на ракување и чување на материјалите што се сметаат за тајна се уредува со посебен акт што го донесува претседателот на Собранието.
Напоменуваме дека претседателот на Собранието, Талат Џафери, ниту криел, ниту крие некакви материјали и сознанија, туку постапил исклучиво според Законот и Деловникот.
Претседателот Џафери нема да дозволи незаконско работење во Собранието на РМ – стои во соопштението од Кабинет на претседателот на Собранието, Талат Џафери.