Средба на Џафери со Делегација на Конгресот на САД

Сподели

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г.Талат Џафери, денес оствари средба со делегација од Конгресот на САД, која престојува во официјална посета на Република Македонија.

На средбата се разговараше за тековните собраниски активности во пресрет на јавната пропаганда за референдумот закажан за 30 септември, за надлежностите на Собранието во извршувањето на неговата уставно пропишана надзорна функција и за законската регулатива во безбедносниот сектор, со што ќе се обезбеди квалитетен и демократски парламентарен надзор, како и за реформските процеси во општеството, на планот на забрзаната интеграција на државата во НАТО и Европската унија.

Претседателот на Собранието, г.Талат Џафери ги запозна соговорниците со постојните активности во Собранието на Република Македонија, со работата на пратениците во делот на реформистите закони, особено во сегментот одбрана и разузнавање, како и со активностите и обврските на Собранието и пратениците во јавната пропаганда во пресрет на референдумот. Притоа истакна дека и понатаму постои широк политички консензус за евроатланската иднина на Република Македонија и изрази очекување дека сите пратеници ќе го препознаат моментумот и ќе дадат силна поддршка на овие процеси, пред сè, имајќи ги во предвид интересите на сите граѓани на Република Македонија.

Конгресмените го истакнаа задоволството од несомнениот напредок на државата на планот на евроатланските интеграции и зацврстувањето на демократијата, особено по потпишувањето на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција, при што истакнаа дека САД и понатаму ќе даваат безрезервна поддршка на Република Македонија во овие процеси, при што потенцираа дека особено го вреднуваат реалниот придонес на Република Македонија во мировните мисии на НАТО, каде Република Македонија се цени како мошне квалитетен и почитуван партнер.

Конгресмените истакнаа дека и Конгресот на САД ја оценува позитивно ситуацијата во Република Македонија и е отворен за конкретна соработка и стручна помош на своите колеги во Собранието на Република Македонија.