Кривична пријава за вработен во Владата – го оштетил буџетот за два милиони денари

Сподели

СВР Скопје-Единица за економски и компјутерски криминал, до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против вработен во Службата за општи и заеднички работи во Владата на позицијата самостоен референт-организатор за услуги со фиксната и мобилната телефонија, поради основано сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ предвидено и казниво по член 353 од КЗ на РМ, со што го оштетил Буџетот на Службата за општи и заеднички работи во Владата на РМ за вкупен износ од 2.079.471,00 денари.

Имено, вработениот  во својство на службено лице вработен во Службата за општи и заеднички работи во Влада на Република Македонија, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување како самостоен референт-организатор за услуги со фиксната и мобилната телефонија,  во временскиот период мај 2012 до август 2017 година, на непознати лица дал на користење девет СИМ картички, сопственост на Службата за општи и заеднички работи во Влада на РМ, без притоа да подготви и  потпише реверси за задолжување со податоци и потписи на лицата, како и своерачно потпишани изјави од истите со кои се согласуваат во случај на пречекорување на ограничувањето на сметките за користење на телефонските броеви, разликата од утврденото ограничување и висината на сметката да им биде задржана од месечната плата, – стои во соопштението на МВР. Кога  фактурите од Македонски телеком пристигнале за наплата на побарувањата по основ на остварените мобилни услуги за 9-те телефонски броеви, пријавениот како овластено лице задолжен да врши контрола и проверка на сметките на корисниците на службени мобилни телефони, иако знаел дека  телефонските броеви ги користат лица на кои што не им следуваат телефонски броеви и нема изработени и потпишани реверси, своерачно се потпишал и ставил печат дека е извршена контрола и дека нема забелешки.