Пратеничката Соња Мираковска денеска информираше дека со усвојувањето на Законот за отпишување на камата на долгови, создадена е можноста да се отпишат долговите кои со години ги мачат илјадници семејства во Македонија.
– Ова финансиско олеснување за граѓаните е конечно решение за граѓаните кои од 2011 година се соочуваат со огромни долгови по основ на камати за предмети, за кои не биле свесни ниту дека постојат, кога извршните предмети од судовите се пренесени кај нотарите, а потоа тие завршија кај извршителите. Покрај отписот на затезната односно казнената камата, која се однесува на главниот долг и на трошоците на постапката за комунални дејности, електрична, топлинска енергија, вода и смет, телефонија, мобилни и кабелски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, во Законот постои можност и за отпишување на каматите и за долговите за телевизија – рече Мираковска.
Таа додаде дека истовремено со законското решение се намалуваат и трошоците на постапката, кои не можат да бидат повисоки од 20 проценти од нивните предјавени и утврдени трошоци.
– Се намалува и надоместокот што должниците го плаќаат на извршителите, нотарите и адвокатите за овие предмети.Право на отпис на камата ќе може да оствари секој граѓанин должник, кој ќе го плати главниот долг и трошоците на постапката во рок од 12 месеци откако доверителите ќе донесат одлука за отпишување на каматите за наплата на долговите. Ваква Одлука доверителите се должни да донесат во рок од 10 дена од стапувањето на сила на овој Закон – додаде таа.