Пратеници, вие сте дел од историски момент кој повикува на обединување, кое е потребно како никогаш досега. Да не ги ставаме партиските и личните интереси на некои политички актери над интересите на нашиот народ и на нашите деца, и свесно да ја попречиме иднината на нашата земја и да ја затвориме вратата за ЕУ и НАТО, сигурно со децении. Ве повикувам да бидеме дел од оние кои ќе ја однесат нашата земја во заедничка подобра иднина.
Имаме кристална и недвосмислена потврда за македонскиот идентитет. Македонци, Македонец, Македонка, македонско, како дома, така и во странство, преведено без ограничувања на сите јазици во светот, македонски идентитет за севкупна употреба, конечно. Грција повеќе не го оспорува нашето право за себеопределување. Македонскиот јазик ќе се користи слободно секаде, во Обединетите Нации, во НАТО, ЕУ, во сите официјални институции, активности и настани. Имаме договор со јасни обележја на нашата македонска посебност. Имаме договор за јазик и идентитет кои се македонски, од нашата држава којашто ќе носи име признаено од целиот свет, Република Северна Македонија.
По решавањето на спорот со Грција, нашата земја веќе нема да има ниту едно отворено прашање со ниту еден сосед. Шириме дух на пријателство со сите соседи. Нашата земја се гледа како на пример за решавање спорови, што нашите пријатели го препознаваат и ни оддаваат признание во меѓународните односи, како земја со став и како земја партнер на сојузите со коишто делиме исти вредности, НАТО и ЕУ.