Македонија и Бугарија потпишаа План за соработка од областа на здравството

Сподели

Министерот за здравство на Република Македонија, Венко Филипче и министерот за здравство на Република Бугарија, Кирил Ананиев, денеска во Софија потпишаа План за соработка во областа на здравството за периодот од 2019 до 2021 година.

Планот за соработка е потпишан со цел да се продлабочи и поттикне соработката во областа на здравството и медицинските науки врз основа на еднаквост, реципроцитет и заемен интерес и во согласност со националните законодавства на двете земји.

„Чест ми е што денеска со пријателска Република Бугарија потпишавме договор со кој ќе ја поттикнеме соработката меѓу македонските и бугарските научни институции, универзитети и здравствени установи со цел размена на искуства во областа на медицинската наука и информации за медицински производи, развивање нови технологии и нова медицинска опрема“, изјави министерот Филипче.

Министерот Филипче потенцираше дека овој плоден договор ќе овозможи соработка во повеќе области, меѓу кои:

  • Размена на информации во областа на здравството;
  • Размена на специјалисти со цел да се обучат и консултираат во области, определени како приоритетни;
  • Размена на искуства и резултати за проблеми, определени како приоритетни за двете земји;
  • Учество на здравствени работници на различни научни медицински настани; 
  • Заеднички научни и практични проекти;
  • Соработка при одржување курсеви и семинари по заемна согласност од двете страни.

Министерствата со овој План утврдија дека приоритетни области за соработка се примарната и специјализираната медицинска заштита, болничката заштита, спречувањето на заразни и незаразни болести, превенција и контрола на СИДА и сексуално преносливи болести, епидемиолошки надзор над заразни и паразитски болести, здравственото законодавство, медицинската статистика, справување во вонредни состојби и друго.

Министерот за здравство на Република Бугарија, Кирил Ананиев изјави дека со овој План се унапредува соработката меѓу Македонија и Бугарија, и токму овој договор претставува можност за напредок на Македонија кон евроинтегративните процеси.

Планот за соработка потпишан од министрите за здравство на двете држави стапува на сила од денеска. Соработката со Бугарија продолжува и во наредниот период.