По објавата на резултатите на Министерството за култура при распределбата на пари за проекти од национален интерес за 2019 година, одекнаа бурни реакции од разни културни работници.
Според нив бројни музички манифестации кои се од особен придонес во културолошкиот развој на земјава висат на конец – дали ќе се одржат оваа година, додека анонимни лица и фирми ќе добијат огромни средства а без пари остануваат реномирани уметници или фестивали.
Од Министерство за култура изјавија дека при одлучувањето за проектите се водело сметка за соодветно проектирање на приоритетите на Министерството за култура, во насока на поддршка на проекти и активности кои го стимулираат креативниот и уметничкиот потенцијал на сите граѓани на Република Македонија, Дообјаснувајќи дека поддржани се проекти со квалитетни уметнички содржини како и проекти кои преку кои се негува и поттикнува културниот диверзитет, уметничкото творештво и културниот развој.
Според министерството постои нов квалитет, кој култура го воспостави од оваа година, со вреднување на проектите преку бодирање, кое транспарентно е објавено заедно со поддржаните проекти.
Советникот за култура при ресорното министерство, театарскиот режисер Зоја Бузалковска поднесе оставка и испрати писмо до премиерот Зоран Заев, во кое таа вели:
– „Сѐ додека не разбереме дека културата не смее да биде ставена под точка – разно, ќе имаме вакво гласачко тело и ќе мора да ги живееме своите животи на улица, а не онаму каде што ни е местото и каде што сме попродуктивни“ , вели Бузалковска.