На дводневната втора по ред средба на Заедничкиот интердисциплинарен комитет за историски, образовни и археолошки прашања на Северна Македонија и на Грција што се одржа во Скопје минатиот викенд, се приближени ставовите во однос на концептите на двете страни, а утврдена е и динамиката на наредните средби, изјави копретседавачот со македонскиот дел од Комитетот амбасадорот Виктор Габер.
Како што посочи Габер, таа динамика треба да придонесе за да може многу поконкретно во наредниот период да прејдат на изучување на конкретни формулации во учебниците и тие да бидат адаптирани, како што рече, на новото време кое што го донесе Преспанскиот договор, а врз основа на принципите и целите на УНЕСКО и Советот на Европа за оваа материја.
– Атмосферата беше колегијална, конструктивна. Се работи за два концепта што треба да се усогласат, и тоа е неспорно бидејќи станува збор за два образовни система коишто со години се граделе и кои си имаат своја историја, а треба да имаат заедничка иднина – рече Габер.
Она што треба да се избегнува во учебниците е анимозитет во третирање на едната кон другата страна и во двете насоки, за новите генерации да се образуваат во духот на европските вредности на солидарност, доверба и меѓусебна соработка.
На средбата во Скопје разгледани биле учебниците по историја и географија за основно и средно образование. Станува збор за огромен материјал, затоа, вели Габер, на два пати беа одложени состаноците на барање на грчката страна.
На наредната средба на Заедничкиот интердисциплинарен комитет закажана за 12 и 13 април во Атина ќе се работи на конкретни прашања.
-Многу периоди не поврзуваат со грчката страна. Ние сме соседи, сме биле можеби 400-500 години во една државна структура каде имало мешање од секаков вид – економски, културно, социјално. Словенската маса кога дошла овде се населила на територија на некогашното Источно римско царство, според тоа ние сме живееле со тие луѓе. Дали народите се поместувале лево или десно заради историските околности тоа е сосема друга работа, но ние сме живееле сите заедно во разни културни и социјални средини – вели амбасадорот Габер на новинарско прашање.
Од работата на Заедничкиот интердисциплинарен комитет треба да произлезат препораки за идно одобрување од страна на Советот за соработка на високо ниво. Целта е постигнување на роковите одредени со Спогодбата од Преспа веќе од следната учебна година да се отстранат од наставните програми и од учебниците спорните точки и карти и илустрации.