Пожарот во Нотр Дам ставен под контрола

Сподели

Пожарот што рано вчера вечер избувна во катедралата Нотр Дам ставен е под контрола во 3 часот утрово, по осумчасовната борба со огнената стихија, соопшти противпожарна служба на Париз.

Во пожарот целосно се уништени куполата и високиот столб кој се издигаше над катедралата, но не ги уништил катедралните сводови, светиот крст и бројните вредни фигури и книги. Спасени се непроценливите реликвии и уметнички дела од внатрешноста на катедралата, кои привремено ќе бидат сместени во музејот Лувр.

 

Претседателот Емануел Макрон, изјави дека најлошото е спречено и дека се спасени фасадата и двете главни кули на Богородичната црква.

„-Повторно ќе ја изградиме катедралата во наредните години. Тоа е она што Французите го очекуваат и она што историјата го заслужува“, изјави Макрон.

Министерството за внатрешни работи на Франција оцени дека сѐ уште постои опасност од уривање на црквата и дека експерти и архитекти денеска ќе разговараат околу стабилноста на објектот и ќе се донесе одлука дали пожарникарите смеат да ја продолжат својата работа во внатрешноста на катедралата.

Француското обвинителство отвори истрага за причините за пожарот. Според првичните информации пожарот, не бил подметнат.