ИРИ: Мнозинството од граѓаните се за ЕУ и НАТО

Сподели

Доколку утре се одржи референдум за членство во Европската Унија, мнозинството од граѓаните на Република Северна Македонија (69%) би гласале ЗА, покажуваат резултатите од последното регионалното истражување на јавното мислење на Меѓународниот републикански институт (ИРИ). Истовремено, мнозинството од граѓаните на државава одговориле дека гледаат позитивно и на НАТО алијансата, односно вкупно 73 отсто, од кои 28 отсто многу позитивно, а 45 отсто донекаде позитивно.

Регионалното истражување на јавното мислење е спроведено во втората половина на Ноември 2018 година во Косово, Србија, Босна и Херцеговина и во Северна Македонија. Во делот кој се спроведувал во Р.С. Македонија, преку лични интервјуа на прашањата одговарале 1.026 полнолетни граѓани како репрезентативен примерок, а маргината на грешка е +/- 3,21 %.

Во однос на прашањето дали земјата се движи во вистинската насока, 46 отсто од граѓаните одговориле негативно, додека 39 отсто позитивно, а 15 отсто одбиле да одговорат.

Од друга страна, дури 79 отсто од испитаниците во Р.С. Македонија одговориле дека денешната генерација на млади немаат добра иднина во земјата, додека 16 отсто сметаат дека имаат, а 5 отсто одбиле да одговорат.

На прашањето дали би гласале ако оваа недела се одржат парламентарни избори, 52 отсто од испитаниците во Р.С. Македонија одговориле дека би гласале со сигурност, додека 19 отсто рекле дека најверојатно ќе гласаат.

На прашањето за која партија би гласале, од оние што рекле дека ќе гласаат 36 отсто одговориле дека би гласале за СДСМ и коалицијата, 35 отсто за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, 13 отсто за ДУИ, 6 отсто за Алијанса за Албанците, 3 отсто за ДПА, 3 отсто за БЕСА на Касами, а 2 отсто за БЕСА на Гаши.

Во однос на медиумските преференци, карактеристично е тоа што 40 отсто од испитаниците во Р.С. Македонија сметаат дека големите медиумси во земјата се обидуваат да бидат професионални и непристрасни, но нивниот поглед на светот ги спречува да известуваат за целосната слика. Други 32 отсто од испитаниците, пак сметаат дека големите медиуми не се заинтересирани за фактично и точно информирање, туку се фокусирани на пропагирање позиции кои служат на нечиви интереси. Само 21 отсто сметаат дека големите медиуми се професионални и непристрасни.

Во соопштението од ИРИ посочуваат дека резултатите од регионалното истражување покажуваат оти во Косово, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија постои еден вид консензус дека овие земји не му припаѓаат ниту на Западот ниту на Истокот. „И покрај ваквиот став, истражувањето покажува дека можностите за проширување од страна на Западните институции постојат во земјите од регионот„ – стои во соопштението.